Владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски престојува во официјална посета на Унгарија, каде што имаше средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, а учествуваше и на економски форум во Будимпешта,каде е најавено зајакнување на економската соработка, нови инвестиции и проекти со потенцијални придобивки за двете земји.
Премиерот Мицкоски истакна дека „Македонија и Унгарија градат силно стратешко партнерство“, нагласувајќи ги меѓусебната поддршка, почит и заедничките вредности.
Опозициската СДСМ внимателно ја следи посетата, потсетувајќи дека во Будимпешта живее поранешниот премиер Никола Груевски, по бегството од Македонија. Од партијата се сомневаат во можни договори зад затворени врати.
Средба Мицкоски–Орбан: економија, инвестиции и регионална стабилност
Мицкоски замина за Будимпешта откако во неделата присуствуваше на започнување на реконструкција на аеродромот во Охрид, при што најави повторно воспоставување на линија Скопје – Будимпешта, како значаен чекор кон подобрување на регионалната поврзаност, економската соработка и развојот на туризмот.
Во понеделникот тој имаше средба со унгарскиот премиер, Виктор Орбан. Според Владата, разговорите меѓу двајцата премиери се одвивале во конструктивна, пријателска атмосфера. Акцентот бил ставен на продлабочување на економската соработка, привлекување нови инвестиции, зголемување на трговската размена, инфраструктурни и енергетски проекти. На средбата била реафирмирана поддршката за европската интеграцијана Македонија, како и важноста на мерит-системот и принципиелниот пристап.
Во рамки на посетата, Мицкоски се обрати и на настан организиран од „Mathias Corvinus Collegium“, говорејќи за значењето на лидерството и визијата во време на европски и глобални предизвици. Како пример за успешна држава, тој ја посочи Унгарија и лидерството на Орбан. До бизнис-заедницата премиерот упати порака дека Македонија е отворена за вложувања и нови партнерства, нудејќи стратешка позиција и квалификувана работна сила.
DW




