Мицкоски: Не очекувам дека Али Ахмети ќе се прекрши за Македонците во Албанија, апелирам Македонците од Албанија масовно да учествуваат во пописот

Додека се случуваат сите овие проблеми, пропагандите на соседите никогаш не престанаа. Додека оваа власт не убедува во придобивките од добрососедскиот договор кои самите го склучија, Бугарија тера отворена пропаганда против Македонија и како тоа да не е доволно, овие денови тие вршат жесток притисок и терор при пописот во Албанија, македонското малцинство да се впишува како етнички Бугари. И сега познати ни се намерите на бугарската политика, но необјаснив е молкот на македонската власт. Да бидам искрен не очекувам дека Али Ахмети ќе се прекрши за Македонците во Албанија, но барем Ковачевски да преземе мерки и да реагира на ваквиот отворен притисок за асимилација која гледаат како им се случува пред очи, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи од Велес.

Мицкоски ги повика Македонците да бидат дел од пописот во Албанија.

„Од овде, од срцето на Македонија јавно повикувам и апелирам Македонците од Албанија да излезат и да се попишат како Македонци, она што со векови биле и ќе продолжат да бидат. Апелирам дека сега е моментот да не потклекнуваат, и одговорот на сите туѓи пропаганди да биде масовност. Следуваат промени во Македонија и како Македонци и Македонија како нивна држава од која тие влечат потекло, ќе им помогне во иднина, и ќе ни биде полесно повеќе да се вклучиме во поддршката за развој и негување на македонските особености и култура. Апелирам сега кога притисоците и заканите се методот со кој Бугарија врши пропаганда, одговорот на Македонците од Албанија да биде масовност на пописот“, кажа Мицкоски.

Според него она што се случува во политиката тука во Македонија, се уставните измени.

„Позади измените на Кривичниот законик, амнестијата која сами си ја гласаа, и оние јавни превирања и препукувања со сеништата од минатото, се основата на валканиот план на Владата, валканиот план на власта се само уставни измени. Бидејќи ја знаат непопустливоста на пратениците, ја знаат и одлучноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и народот против прифаќање на бугарски диктати, тие пробуваат да создадат непринципиелни коалиции кои би можеле да доведат до уставни измени. Иако шансите реално тие да се случат не се ни ниту теоретски“, заклучи Мицкоски.

извор: ВМРО ДПМНЕ