Премиерот Христијан Мицкоски очекува по реконструкцијата на Владата, новите министри да донесат нова енергија, ново темпо и уште поголема одговорност во извршната власт.
„За нови министри предлагам луѓе кои доаѓаат со различни професионални искуства, но со иста обврска – да работат чесно, одговорно и со чувство дека секој ден што ќе го поминат на функцијата им е даден од народот и му припаѓа на народот“, порача премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците во македонскотоСобрание.
Мицкоски нагласи дека политиката, функциите и мандатите се минливи, но дека државата останува и затоа секоја одлука мора да се носи со одговорност и визија за иднината. „Ќе има предизвици, отпори и обиди секој успех да биде минимизиран, а секој проблем да биде претставен како пораз, но природата на државничкото лидерство е поинаква“, рече премиерот.
Тој истакна дека не бара поддршка за поединци или за една политичка партија, туку за продолжување на процесот на реформи и развој на државата. „Уверен сум дека најдобрите години не се зад нас, туку се пред нас“, порача Мицкоски.
Кои се предлозите за нови министри?
Образложувајќи ги кадровските решенија,премиерот посочи дека за министер за правда е предложен Јетон Шасивари, универзитетски професор и правен експерт. Според Мицкоски, од Шасивари се очекува своето академско и професионално искуство да го стави во служба на создавање правосуден систем во кој правдата ќе биде правило, а довербата на граѓаните постепено ќе се враќа.
За министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати, кој има искуство во европски проекти, локален развој и јавни политики.
За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен Борче Серафимовски, кој ќе има обврска да ја продолжи поддршката за земјоделците, но и да отвори нов развоен циклус во секторот.
На чело на Министерството за здравство е предложен Сашо Клековски. „Здравството не е само систем на установи и процедури. Здравството е доверба и чувство на сигурност дека кога на човекот ќе му биде најтешко, државата ќе биде покрај него“, истакна Мицкоски.
За министер за социјална политика, демографија и млади е предложен Ѓоко Велковски, додека за министер за локална самоуправа е предложен Иван Стоилковиќ. За министер за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани.
DW




