Мицкоски: Реконструкција на Владата, веднаш по изборите

Ниту една функција не е загарантирана ниту вечна – порача денеска (23 август) претседателот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој информираше дека веднаш по локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и, како што рече, подобрување на капацитетите на Владата.

„Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши или немарни, но на владата секогаш ѝ треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме“ истакна Мицкоски во своето обраќање на денешниот Саем за отчет на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ „4 години работа за тебе“.

Според Мицкоски, овие избори нема да бидат „вратата на ДУИ за во Владата“.

„Еден човек ми вели го готвите ДУИ да ви биде партнер во владата. Мојот директен одговор е ДУИ уште долго ќе биде во опозиција, затоа што досега не научи ниту една лекција. Не ги ставивме во опозиција за да без ниту една научена лекција се вратат на власт. Тие таму припаѓаат со нивниот коалициски пајташ во криминалот и ударите по Македонија, СДСМ“, рече Мицкоски.

Тој обвини дека „ДУИ и СДСМ имаат таен план против народот“.

„Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз што доаѓа“, додаде Мицкоски.

 

 

 

slobodnaevropa.mk