Можно е поголема минимална плата и од 450 евра ако Владата помогне преку субвенции за социјалните придонеси

Можно е да се постигне и поголема минимална плата од 450 евра ако Владата помогне преку социјалните придонеси, велат работодавачите. Тие денеска, пред седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), изјавија дека секое покачување што ќе го издвојат во износ од 1.000 до 9.000 денари треба да биде помогнато во рок од една година од Владата преку социјалните придонеси, а понатаму, со зајакнување на економијата, да има шанси да се исплаќа од нивна страна во целост.

Минималната плата не е точка од дневниот ред на седницата на ЕСС, но, како што нагласија претставниците од Сојузот на синдикатите (ССМ) и од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), ќе се бара отворање и на ова прашање.

Според ССМ, ако работодавачите имаат желба да се зголемат платите на сите вработени во приватниот сектор, треба да се изнајде решение со кое Владата ќе субвенционира дел од придонесите. КСС, пак, ќе предложи формула според која Владата би субвенционирала дел од платите на најсиромашните.

-Нашиот предлог е за покачувањето од 1.000 до 9.000 денари да може да ни помогне државата околу придонесите. Секое покачување што ќе го издвојат работодавачите во износ од  1 000 до 9 000 денари да биде помогнато во рок од една година од Владата преку социјалните придонеси, а понатаму, да се надеваме со зајакнување на економијата, да има шанси да се исплаќаат во целост. Од моменталните 24 800 денари што ги очекуваме во март до 34 000 денари да има субвенции во социјалните придонеси. Тоа е околу 9 000 денари. Предлогот на синдикатите е 27 000 или 450 евра, но ние имаме шанси, ако бидеме поддржани од Владата со социјалните придонеси, тие плати да бидат зголемени за да постигнеме и малку поголем износ на минимална плата во регионот. Тоа значи дека минималецот понатаму би го договарале со колективни договори во секој сектор, но основата на покачувањето секоја година во март да биде согласно утврдената методологија, а со посебни колективни договори со синдикатите да има плус покачување. Тоа се некои решенија кои ние ги предлагаме, синдикатите имаат нешто слично, но најважно е бројот на компании и вработени да останат, објасни Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

 

 

 

Denesen.mk