Морачанин не очекува денеска да се постигне договор за уставните измени

Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин очекува денешната лидерска средба да биде конструктивна.

-Очекувам да имаме комуникативна дискусија, бидејќи сите партии јасно се декларираат дека се проевропски, односно дека во нивните програмски цели е членството на Македонија во ЕУ. Не очекувам дека денеска ќе се постигне договор, имајќи ги во предвид изјавите од опозицијата дека тие бараат дополнителни гаранции за промена на Уставот, но добро е да заеднички да разговараме за стратешки прашања важни за државата и народот. Не знам кои се гаранциите кои опозицијата ги бара, па потоа можеме да дискутираме кој може тоа да го обезбеди, рече Морачанин пред влегувањето на закажаната лидерска средба во Собранието.

Таа смета дека условувањата никому не носат добро, бидејќи темата на денешната средба е европската интеграција на земјава.

-Ова барање на опозицијата за предвремени избори датира уште од локалните избори. Фокусот треба да ни биде предбродување на економската криза. Наша заложба како ДОМ е овие реформи неопходни за државата, поинтензивно да се спроведуваат во државата, изјави меѓу другото лидерката на ДОМ.

Фото: Архива