Морските мини во војната во Иран претставуваат голема закана за бродовите во Персискиот Залив

Повеќе од десетина земји се договорија за меѓународна мисија за обезбедување на Ормускиот Теснец по прекинот на воените дејствија во војната во Иран. Во Париз германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека Бундесверот ќе учествува во чистење на мини и поморско извидување. Конференцијата беше свикана од Франција и Велика Британија во петокот.

Опасност за карго бродовите
Персискиот Залив и околниот регион за сега остануваат опасна зона за трговските бродови, Иран не дозволува премин. Ризични фактори не се само можни гранатирања од страна на завојуваните страни, туку и подводни закани откако на почетокот на месецов Иранската револуционерна гарда објави дека раководството во Техеран наредило минирање на теснецот. „Не знаеме со сигурност дали таму навистина има мини, но латентната опасност е доволна. Никој во воената зона во моментов не може да го провери тоа“, вели Јоханес Петерс, раководител на Одделот за поморска стратегија и безбедност при Институтот за безбедносна политика на Универзитетот Кристијан Албрехт во Кил.

Како функционираат морски мини?
Такви се користени уште во Првата и Втората светска војна, кога се работело за закотвени мини. Тег прицврстува јаже на морското дно, а на другиот крај плови топка со т.н. детонатори. Ако брод или подморница ги погоди овие детонатори, мината експлодира. Во тоа време бил нужен директен контакт за детонација. „Современите мини немаат многу допирна точка со ова“, објаснува Петерс за ДВ. Мините и денес се закотвуваат на морското дно со оглед на тоа дека целта е да се обезбеди на една завојувана страна контрола над одреден предел, но за самата детонација веќе не е потребен директен физички контакт, вели Петерс.

Наместо тоа, модерните поморски мини се активираат од бранови на притисок, електромагнетни сигнали или бранови на звук. Секој дизајн на брод има свој електромагнетен или акустичен потпис и прави определен притисок , што значи дека емитува различни сигнали. Мините може да бидат програмирани да реагираат само на звучните бранови на одреден тип брод. „Со помош на подморници може да се открие звучниот потпис на непријателските бродови“, вели Петерс, а потоа мините се програмираат за нив. „Непријателските бродови ги активираат мините со нивниот звучен потпис, додека сопствени бродови без проблем може да се движат низ минираната област“, ​​објаснува експертот.

Трагањето по мини на морското дно бара многу време
Расчистувањето на мини, т.н. ловење мини, одзема многу време. Кога ќе биде пронајден сомнителен предмет, прво мора да се утврди дали претставува опасност. Ако е така, одлуката се носи за конкретниот случај околу прашањето што да се прави со експлозивната направа. Дали прво да се извади од таму, или да се деактивира под вода или да има контролирана експлозија? Таквата опасна задача ја презема воен персонал со соодветна обука, односно „единицата за отстранување на подводни бомби“, како што ја нарекува Петерс. Некогаш тоа е можно и без да се ризикуваат човечки животи. „Кога ситуацијата тоа го дозволува, користиме дронови за да ги идентификуваме и уништиме предметите што ги наоѓаме“, вели во друг контекст за ДВ на почетокот на годинава Микола, војник во украинскиот тим за расчистување на поморски мини во Црното Море. Руската морнарица го минираше Црното Море како дел од војната на Владимир Путин против Украина.

Морнарица: Дронови против морските мини
И германската морнарица веќе користи дронови за таа намена. „Првенствено користиме автономни системи за скенирање на морското дно“, вели командантот Андреас од Третата ескадрила за чистење мини на германската морнарица, кого од безбедносни причини ќе го цитираме без презиме. „Порано за таа намена се пловеше со чамци со сонарна опрема директно над минираниот предел. Благодарение на системите кои не бараат човечко присуство, 40 членови на екипажот веќе не мора да се ставаат во директна опасност“, вели Андреас. Тоа не значи дека воопшто не е потребен човечки персонал. Дроновите испраќаат слики од морското дно, кои потоа треба да се анализираат што е само старо железо, а што всушност опасна морска мина? Оваа одлука и тоа како да се справат со експлозивната направа, и натаму ја носат луѓе. Употребата на дронови за истражувања на морското дно ја прави морнарицата поефикасна, вели командантот Андреас во интервју за ДВ. Сепак, потребни се децении и подолго за по една војна морското дно да биде целосно расчистено од мини, потврдува и Артјом, Украинец од тимот за расчистување на мини во Црното Море. „Ние сè уште наидуваме на мини од Втората светска војна, понекогаш дури и од Првата“, вели војникот и додава дека „тоа покажува колку години работа имаме пред нас“.

 

 

DW