Муцунски разговараше со албанскиот министер за надворешни работи Хоџа

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски утрово оствари телефонски разговор со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа.

Во разговорот, двајцата министри изразиле задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, нагласувајќи ја заедничката подготвеност за нивно понатамошно унапредување.

Соговорниците разговарале и за европската перспектива на двете држави и за заедничките активности на патот кон членство во Европска Унија. Воедно, посебно внимание било посветено и на проектот Коридор 8, кој претставува заеднички приоритет и има значајна улога во зајакнувањето на регионалната поврзаност и економскиот развој.

Муцунски во разговорот ја истакнал и важноста на македонското национално малцинство во Албанија, кое, како што нагласил, претставува значаен мост на пријателство и дополнително придонесува за продлабочување на односите меѓу двете земји.

Дел од разговорот бил посветен и на Охридско Езеро, при што биле разгледани обврските што произлегуваат од УНЕСКО, како и заедничката одговорност на двете држави за заштита и одржливо управување со регионот.

На крајот, министрите размениле мислења и за актуелните прашања од регионалната соработка, нагласувајќи ја важноста од негувањето на добрососедските односи и заедничкиот придонес кон стабилноста и безбедноста во регионот.