Надлежните уверуваат дека судењето за трагедијата во Кочани ќе се одвива непречено

Кривичниот суд, Јавното обвинителство и Адвокатската комора уверуваат дека ќе направат сѐ за судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а беа повредени околу 200, да се одвива непречено и ефикасно.

Од Кривичниот суд информираат дека ќе бидат преземени засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на лекарска екипа. Оштетените сведоци нема да можат да ја следат постапката до нивното сослушување.

Најавуваат строга контрола на лекарските оправдувања и другата медицинска документација, со која учесниците во процесот ќе бараат одложување од здравствени причини, а се внимавало и на возраста на поротниците во судечкиот совет, затоа што ним мандатот им престанува на возраст од 60 години.

Судењето ќе почне на 19 ноември, а на денешниот брифинг со новинарите беше кажано дека ќе се води со темпо од две рочишта неделно. Првичните термини се закажани за 19, 25 и 26 ноември. Процесот ќе го суди судијката Диана Груевска Илиевска.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски веќе соопшти дека обвинителството е целосно подготвено, со проширен тим од 15 обвинители, со цел како што рече, да не се дозволи одложување на рочиштата.

Иако доказниот материјал е обемен, тој истакна дека постапката ќе биде ефикасна и фер.

 

 

 

slobodnaevropa.mk