Над 250 нови производи во „Новогодишната кошница“

Листата за „Новогодишната кошница“ за една недела е зголемена од 650 на повеќе од 900 производи, објави заменик министерот за економија, Марјан Ристески, на социјалните мрежи денеска (13 декември).

Тој најавува дека од задутре, кога почнува акцијата, па до 15 јануари граѓаните ќе можат да ги купат производите од 83 компании кои тие самите ги понудиле, со пониски цени од најмалку 10 проценти.

„Апелирам компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која што самите ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат“, наведува Ристески во неговата објава.

Ристески посочува и дека листата не е затворена и има можност да пријавување на дополнителни производи.

Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски порача дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе ја следи работата на маркетите.

Тој уверува дека најавеното намалување на цените на производите опфатени со акцијата „Новогодишна кошница“ ќе го заштити семејниот буџет.

 

 

 

slobodnaevropa.mk