Направена целосна „чистка“во кабинетот на Груби

На прашањето дали наследувајќи го Артан Груби во Министерството за односи меѓу заедниците, (кое претходно беше фузирано со Политички систем) со дел од просториите ги наследи и голчињата и кошот на поранешниот министер и вицепремиер, сегашниот прв човек на министерството Иван Стоилковиќ во „Наткаст“ со Љупчо Цветановски вели дека „на заминување“ е направена вистинска чистка и не е оставено ништо, дури ни филџани и чаши.

-За жал, ни голче, ни кош, ни фудбал, ни баскет, ни филџани, ни чаши, ни кафе, ни апарати за кафе, ни вода, ништо нема, дури ни телефони нема во министерството, чисто да знаат луѓето. Јас како министер немам земска/фиксна линија во кабинетот, затоа што сето тоа кога дојдовме беше растурено. Имало некакви камери поставено во кабинетот, па и тие биле извадени. Попис на инвентар никогаш не е извршен во министерството. Ќе има уште многу кривични пријави. Јас не знам која институција во државата ги прифаќала завршните сметки, бидејќи секогаш кога ја поднесувате мора да поднесете и пописна листа. Ние за првпат правиме попис на финансиски средства и на инвентар. Побаравме ад-хок ревизија и резултатите се толку фрапантни и грозни што ќе мора да одиме на затворена седница на влада за информацијата за извештајот на ад-хок финансиската ревизија во министерството за односи меѓу заедниците. Дефинитивно, министерството било приватна фирма и ревизијата тоа го покажува.

Можеби немало попис и ревизија, ги нема и голчињата и кошот, но затоа пак има фрапантни сметки од 20-на илјади евра за две ќебапчилници и неверојатни, секојдневни и огромни сметки за кафани и кафулиња, открива министерот Стоилковиќ.

 

 

denesen.mk