НАТО активира „источна стража“ за зајакнување на одбраната во близина на Русија

НАТО, предводен од европските членки, соопшти дека ја зајакнува одбраната на својот источен дел по упадот на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор, што ги зголеми тензиите.

НАТО на 12 септември соопшти дека започнал нова „активност“, наречена „Источна стража“, со која ќе се распореди дополнителна воена опрема од Велика Британија, Данска, Франција и Германија за да се одврати потенцијална руска агресија.

„Активноста во повеќе домени, која ќе започне во наредните денови и ќе продолжи неодредено време, е одговор на тековните нарушувања на воздушниот простор, вклучувајќи ги и бројните руски беспилотни летала што го нарушија воздушниот простор на Полска на 10 септември“, се вели во соопштението на НАТО.

„Клучот за ова е сосема нов дизајн на одбраната“, изјави американскиот генерал Алексус Гринкевич, врховен командант на сојузничките сили на НАТО во Европа, на заедничката прес-конференција со шефот на НАТО, Марк Руте, во Брисел.

Гринкевич рече дека новата опрема ќе вклучува француски борбени авиони „Рафал“, дански „Ф-16“, фрегата и копнени одбранбени системи што претходно беа ветени за регионот.

 

 

 

slobodnaevropa.mk