Над 500 случаи пријавени во последните четири години
Од 2020 до 2024 година во Македонија се пријавени 508 случаи на сексуално насилство и вознемирување врз деца, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Статистиката е болна и тешка, но не смее да остане само бројка. Зад секое дете стои име, семејство и доверба во возрасните. Нашата должност е да направиме сè таа доверба никогаш да не биде повредена“, вели Душан Томшиќ, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Кампања ‘1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз деца’
Со цел да се поттикнат децата да го пријавуваат насилството, започнува национална кампања за зголемување на јавната свест. Целта е да се охрабрат децата да проговорат и да се обезбедат алатки за превенција и заштита за возрасните. Кампањата ја спроведува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација заедно со Народниот правобранител и Бирото за развој на образованието.
Сексуалното насилство врз деца е едно од најтешките прекршувања на човековите права и остава последици кои траат цел живот. „Превенцијата не е само препорака, туку обврска – да создаваме безбедни средини, да ги охрабруваме возрасните да препознаат знаци на опасност и да ги охрабриме децата да зборуваат и да побараат помош“, додава Томшиќ.
Во рамки на кампањата се изработени видеа, постери и материјали кои ќе се дистрибуираат во сите училишта и градинки, за да се подигне свеста кај наставниците, стручните служби и родителите.
Улогата на Народниот правобранител
Од канцеларијата на Народниот правобранител укажуваат дека децата жртви на насилство често се соочуваат со двојна траума – од самото насилство и од нечувствителниот институционален одговор. Затоа бараат подобри протоколи, детски-пријателски постапки и координација меѓу сите надлежни служби.
Европска статистика
Едно од пет деца во Европа е жртва на некаков облик на сексуално насилство – од сексуална злоупотреба, детска порнографија, сексуална експлоатација, до онлајн злоупотреба и вознемирување од врсници.
DW




