Во селото Пржеводов во источна Полска во близина на границата со Украина попладнево се случила експлозија предизвикана од руски ракети, овјави новинската агенција Асошиејтед прес, повикувајќи се на високо рангиран извор во американското разузнавање. Според АП, во нападот загинале две лица.
Полските медиуми објавија дека две лица загинале во вторникот попладне, откако проектил погодил област каде се суши жито во Пржеводов, полско село во близина на границата со Украина.
Портпаролот на полската влада, Пјотр Мулер, веднаш не ја потврдил информацијата од високиот американски разузнавач, кој сакал да остане анонимен поради чувствителната природа на ситуацијата, но, Мулер рекол дека највисоките лидери одржуваат итен состанок поради „кризна ситуација“.
Во нападот била погодена и соседна Молдавија, која денеска пријави недостиг на струја на целата своја територија поради руските ракетни напади врз украинската енергетска инфраструктура при што бил урнат клучен далновод.
Официјален Пентагон соопшти дека ги проверуваат информациите и засега не можат да ја потврдат нивната веродостојност.
„Не сакам да шпекулирам и да влегувам во хипотетизи. Кога станува збор за нашите безбедносни обврски и членот 5, ние бевме кристално јасни дека ќе го браниме секој сантиметар од територијата на членките на НАТО“, изјави портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Патрик Рајдер.