На 23 декември 1906 година на врвот Петлец, кај беровското село Русиново, во борба против османлиската војска загинал Дамјан Груев, учител, еден од основачите на ВМРО во Солун, во 1893 година, истакнат организатор и раководител на националноослободителното движење на македонскиот народ на крајот на 19. и почетокот на 20. век.
Дамјан или Даме Груев, потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школувал во родното Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година бил учител во селото Смилево и во Прилеп.
Од летото 1894 година почнал да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Бил учител во Штип и инспектор во Солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ.
Во август 1900 година бил уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година бил заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Бил претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој бил избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествувал.
По неуспехот на востанието ја продолжил својата револуционерна дејност. Во 1904 година претседавал на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време бил и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година. Роден е на 19 јануари 1871 година.
Во негова чест секоја година на местото на погибијата на Петлец се собираат македонски патриоти да му оддадат почест.
– Водени од чистата мисла и големата љубов кон сопствената земја Македонија. Понесени од истрајноста и силното чувство за слобода на сопствената татковина, жедни за слобода како и сите други народи, оваа наша Македонија во минатото роди синови кои денеска за нас се симбол, мотив, емоција која е длабоко втемелена во нашата потсвест, во нашата душа и затоа денеска сите сме собрани тука, на ова место каде што еден човек по име Дамјан Груев го даде својот живот за една грутка земја по име Македонија, беше истакнато лани на чествувањето на Петлец.
denesen.mk