Во Лисабон и околината избувнаа немири откако еден маж беше застрелан од полицијата. Според полицијата, синоќа во португалската престолнина имало 60 случаи на подметнување пожар или вандализам. Полицијата и владата се обидуваат да го вратат мирот.
Немирите започнаа во обесправената населба Кова да Моура. Во понеделникот наутро, 43-годишниот Одаир Мониз бил застрелан од полицијата таму. Тој, наводно, давал отпор при апсењето и се заканувал на полицијата со нож. Мажот починал кратко потоа во болница.
Тоа доведе до голем бес кај жителите на населбата, кои се сомневаа дали полициската акција е пропорционална и веруваа дека во игра е расизмот. Мониз бил од Зеленортско потекло.
Исто така, на социјалните мрежи се појави приказна дека во вторникот вечерта имало голема полициска рација во куќата на жртвата. Се вели дека околу петнаесет тешко вооружени полицајци насилно влегле во зградата без налог за претрес и го малтретирале семејството. Полицијата категорично го демантира тој инцидент.
Запалени автобуси и корпи за отпадоци
Немирите набрзо се проширија и во другите населби и предградија на Лисабон, особено во областите каде што живеат и многу мигранти. Тие немири резултираа со најлошите немири во поновата историја на градот, пишуваат португалските медиуми.
Полицијата информира дека биле опожарени 12 возила, меѓу кои и два автобуси. Запалени се бројни канти за ѓубре и фрлани камења. Повредени се четири лица, од кои двајца полицајци. Три лица се уапсени за подметнување пожар и напад.
Во меѓувреме, властите се обидуваат да ја задржат ситуацијата. И денеска атмосферата е се уште тензична, јавуваат локалните медиуми. Претседателот Ребело де Соуса денеска повика на смиреност. Министерот за внатрешни работи го нарече пукањето на човекот како „несреќен инцидент“ и рече дека министерството е во постојан контакт со сите безбедносни служби за да се воспостави редот и „да се изведат пред лицето на правдата сите кои учествувале во овие немири“.
Полицаецот кој пукал во Мониз е во притвор и инцидентот е под истрага.
Бенфика-Феенорд Населбите во кои се случи синоќешното палење и уништување се недалеку од стадионот на фудбалскиот клуб Бенфика каде вечерва гостува Феенорд на натпревар од Лигата на шампионите. Натпреварот е означен како „настан од висок ризик“. Големо полициско присуство има и околу стадионот, а улиците се опколени. Во вторникот вечерта, десетици симпатизери на Феенорд биле нападнати од симпатизери на Бенфика во кафуле во близина на стадионот, јавуваат локалните медиуми. Според полицијата, пресметката „немала посериозни последици.
Извор НОС Холандија