Во ненадејните поплави предизвикани од брзото зголемување на нивото на реката Гвадалупе, во американската држава Тексас, загинаа најмалку 24 лица. Како исчезнати се водат најмалку 20 девојчиња кои биле во летен камп во близина на реката, соопшти вицегувернерот на Тексас, Ден Патрик. Потрагата по нив продолжува.
Според Патрик, нивото на реката Гвадалупе во текот на изминатата ноќ се искачило за осум метри за само 45 минути. Тој информираше дека меѓу загинатите има возрасни и деца. Некои од телата се пронајдени во автомобили што биле однесени од водата. Гувернерот Грег Абот вети поддршка со „сите расположливи ресурси“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, е запрепастен од поплавите: „Ужасно е, поплавите. Шокантно е“, рече Трамп пред новинарите.
Се очекуваат нови поплави
Во акција на спасување се околу 500 спасувачи и 14 хеликоптери, а учествуваат и Националната гарда на Тексас и Крајбрежната стража на САД.
Фримен Мартин, директор на Одделот за јавна безбедност на Тексас, предупреди на опасноста од нови поплави. Првиот човек на округот Кер, Роб Кели, претходно зборуваше за „екстремно разорни и смртоносни“ поплави. Тој објасни дека иако ваквите ненадејни поплави се вообичаени во областа, која се смета за „најопасна речна долина во Соединетите Американски Држави“, сегашните поплави биле неочекувани.
Во Тексас, најмалку десет лица загинаа кон средината на јуни во ненадејна поплава во Сан Антонио, југоисточно од Кер.
DW