По жестоките протести со жртви и повредени, владата на Непал повторно ја укина забраната за користење на социјалните мрежи. Забраната е повлечена, изјави портпаролот на владата и министер за комуникации, Притви Суба Гурунг. Сите засегнати апликации можеа повторно да се користат во вторникот наутро, забележа новинската агенција Ројтерс.
Минатата недела во земјата беа блокирани некои од најголемите платформи за социјални медиуми, вклучувајќи ги Фејсбук, X, ВатсАп и ЈуТјуб. Поводот беше владин предлог-закон за построга регулација на социјалните мрежи, кој критичарите го толкуваа како обид за проширување на цензурата и замолчување на владините критичари. Милиони Непалци кои живеат во странство одржуваат контакт со својата татковина токму преку овие апликации.
Полициски час на неодредено време
Истовремено со укинувањето на блокадата на социјалните мрежи, владата воведе полициски час во главниот град Катманду. Тој е во сила на неодредено време. За време на полицискиот час не се дозволени протести и собири, соопшти окружната администрација.
Во понеделникот, десетици илјади луѓе протестираа пред зградата на парламентот во Катманду против блокирањето на онлајн платформите. Полицијата употреби солзавец и пукаше со боева муниција. Притоа загинаа најмалку 19 лица, а повеќе од 300 беа повредени. Протестите веќе се проширија и во други градови.
Демонстрантите во Катманду фрлаа со камења и стапови кон полицијата за разбивање демонстрации. Како реакција на ескалацијата во понеделникот, министерот за внатрешни работи, Рамеш Лехак, поднесе оставка доцна во понеделникот вечерта за време на кризната седница на кабинетот предводена од премиерот Кадага Прасад Оли.
DW




