Министерот за транспорт и врски Александар Николоски ја повика бугарската страна „да се охрабри да се одржи третата средба што беше планирана за неделава за изградбата на третата фаза од пругата кон Бугарија.
Одговарајќи на прашање од пратеникот од СДСМ Митко Трајчуловски дали свесно и намерно се одолговлекува изградбата на железничкиот дел од Коридорот 8 и за давање приоритет на Коридорот 10, Николоски рече дека прво е потребна рехабилитација и реконструкција на пругата на Коридор 10.
„Тоа, според мене би бил крвотокот на Македонија, но исто така и користење на стратешката позиција. Додека тоа го правиме се работи и на Коридорот 8 кадешто има три дела“, рече Николоски.
Првиот дел од пругата Куманово-Белјаковце во должина од 31 километар најави дека ќе биде завршен до крајот на годината. За вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, посочи дека активностите се одвиваат споро и повика да постапува Обвинителството.
„Причина е изведувачот, изградени се 27,3 проценти, а рокот е октомври 2026. Го повикувам Обвинителството да истражи како е избрана компанијата Ѓулермак, дали е манипулирано со должината на шини и со начинот на монтирање и на тој начин е отфрлена конкуренцијата. За ова имам доставено и пријави до ЈО како и ревизроски извештаи, но досега не е направено ништо“, рече министерот за транспорт.
slobodnaevropa.mk