Николоски: Да прифатите комисија за историја да решава за иднината на државата е политички аматеризам

Интервју на  Александар  Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ дадено за интернет порталот МКД.мк

Вие бевте еден од ретките наши политичари кои уште пред три години изјавивте дека Македонија нема да добие датум. За жал тоа и се оствари. На што го темелевте ова ваше тврдење од 2017 година?

– Моето тврдење, кое за жал се оствари, го темелев на два столба. Првиот е бројните информации кои ги добивав и ги добивам од Брисел, а второто е проценката на капацитетот за реформи на Владата на Заев. Ќе ги објаснам двата столба. Во однос на првиот, не би зборувал многу за себе, но не е тајна дека имам добри контакти и доста пријатели во Брисел и во бројни европски главни градови, пред сѐ стекнати низ години работа и комуникација со нив. Она од што сум изненаден е тесноградоста која ја покажа Владата. Имено, ниту еднаш не ме повикаа да прашаат за совет за искуство или барем како ете секогаш ја имам правилната информација. Јас бев и сум подготвен сите контакти да ги ставам на располагање на државата. Без разлика на партиска определба, целта е иста, Македонија да напредува. Но, наместо тоа, добив јавни напади и потценувања како јас, така и ВМРО-ДПМНЕ. Без желба за комуникација. Гледате како арогантно одбиваат лидерска средба да се разговара за заедничка позиција кон Бугарија или за влада за национален спас.  Вториот столб е мојата проценка за капацитетот на Владата на Заев за реформи, кој според мене е речиси нула. Нема желба за борба со организиран криминал и корупција, ниту пак за суштински реформи на јавната администрација и безбедносните служби, како три основни барања на ЕУ. Напротив. Заев мислеше дека со трикови и без испорака на резултати ќе стигне до почеток на преговори само затоа што некој ќе му даде милост или награда. Тоа не се случи. Напротив удри во ѕид. Блокадата која сега доаѓа од Бугарија е само последица на три години назадување на Македонија со Заев. Верувајте, нема европски државник кој ќе дозволи на иста маса да седи со корумпиран човек. Бугарија само вешто ги искористи неуспесите на Заев. Кога видоа дека не доби датум за преговори ни јуни 2018, ниту пак јуни 2019, ни октомври истата година заради недоволно ниво на реформи, решија и тие да покажат мускули пред сѐ за домашна предизборна употреба. И за жал Македонија сега е заглавена и со оваа власт нема да се одглави.

Референдумското прашање беше промена на име за членство во НАТО и ЕУ. Членка на НАТО станавме, но не и на ЕУ. Како опозиција планирате ли каква било ревизија на резултатите од референдумот, на сомневањата за поткуп на ваши пратеници, на начинот на кој се изврши промената на името?

– Референдумот беше неуспешен. И покрај тоа Заев реши на сила и спротивно на волјата на граѓаните да го промени уставното име. Клучното прашање е дали Македонија четири години подоцна е поубаво место за живеење и дали напредува? Одговорот, за жал е – не. Секојдневни порази и понижувања. И затоа се потребни промени.

Какви промени? Ревизија на референдумот и последиците од него?

-Референдумот е неуспешен. И затоа не може да има последици затоа што не беше успешен. Тоа беше израз на волјата на народот кој јасно беше против и со своето останување дома јасно искажа став. Сѐ што се случуваше потоа е спротивно на волјата на народот.

Сите овие прашања, сериозни одлуки на оваа Влада, промена на име, Договорот со Бугарија, откажувањето на Македонија од македонското национално малцинство… бараат една државна стратегија, бараат усогласеност на власта и опозицијата… Да бевте вие на власт ќе го баравте ова, или ќе го барате кога ќе дојдете на власт?

– Да ја потсетам јавноста. Лично предупредував на штетата која може да се случи со потпишувањето на штетните договори. Уште во 2019 година апелирав дека заради овие договори Македонија во иднина може да се соочи со блокада од соседите, да прифатите комисија за историја да решава за иднината на државата е политички аматеризам и неприфатливо. На Балканот каде што отсекогаш имаме нерешени историски прашања, да прифатите дека комисија за историја помеѓу две држави ќе треба да усогласи заеднички став за клучни историски личности, личности врз кои се создава македонската држава е нешто со што може само штета да направите на сопствената држава. Во април побарав заеднички став и изработка на стратешки документ кој ќе е обврзувачки за сите фактори во државата и ќе се користи како одговор на уцените од Република Бугарија. Наместо тоа, СДСМ се обиде да релативизира и да ја игнорира опозицијата. Сите овие погрешни политики за кои ние апелиравме ја донесоа Македонија во ќорсокак и сега имаме сериозен проблем во евроинтеграциите на државава, нешто што е од интерес за сите граѓани. Ако ВМРО-ДПМНЕ сега ја водеше владата, ќе имаше еден отворен и искрен дијалог со опозицијата и ќе правеше сѐ да изгради национална стратегија, заедничка позиција и да ги искористи најдобрите умови без разлика од која партија се, затоа што така прават паметните и успешни држави.

Што натаму? Како би го решиле вие проблемот со Бугарија?

– Силна дипломатија, реформи внатре во државата и искрен однос со јасно исцртани национални позиции подржани од сите, може да ја придвижат ситуацијата на подобро од ова што го имаме во моментов од Зоран Заев. Исто така потребно е многу да се испорача дома. Верувајте, многу повеќе притисок ќе има врз Бугарија кога Македонија ќе е средена држава со функционален систем на владеење на правото. Тоа го нема и затоа Бугарија е релаксирана да прави што сака. Потребна е и стратегија за претставување на Македонија во државите членки на ЕУ со силна промоција и лобирање. Тоа мора да се прави. Ние сме мала држава и мора да имаме агресивна промоција во државите членки на ЕУ и да соработуваме со фондации, институции, организации кои ќе лобираат за Македонија. Сето ова заедно може многу да ја поправи ситуацијата во која е Македонија. Колку има волја за ова, тоа е друго прашање. За жал ја нема кај Заев и Владата.

За вас решение е формирање на широка или експертска влада. Верувате во ова?

-Нашиот предлог е Влада за национален спас. Таа Влада би била составена од експерти и поддржана од сите политички партии. Би имала мандат да се справи со здравствената и економска криза предизвикани од короната, како и изнаоѓање патишта за почеток на преговори со ЕУ како и одбрана на македонскиот национален идентитет, историја и јазик од нападите на Бугарија. Ова е можеби најголема криза со која се соочува Македонија од својата самостојност до денес. Вакви кризи се решаваат со таков тип на Влада. Никако со неспособни и компромитирани политичари како Заев и неговиот тим. Сѐ уште се надевам дека ќе надвладее разумот и дека оваа наша идеја ќе биде поддржана. Тоа е излезот за Макеодонија.

Интервјуто во целост на: порталот МКД.мк