Николоски: Инвестираме преку 165 милиони денари за нови улици во Гевгелија

Завршивме неколку големи проекти во Гевгелија со што инфраструктурно градот доби нов лик, едно модерно место за живеење. Вкупно инвестираме преку 165 милиони денари, поддршката од Владата за Гевгелија ќе продолжи и во таа насoка ќе работиме на изградба на нов влез во градот, најави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на Гевгелија.

Заедно со градоначалникот извршија увид во реконструкција на улицата Маршал Тито, инвестиција од 81 милион денари поддршка од Владата.

“Овој проект ќе даде целосно нов лик на овој дел од градот, Ќе ја врати автентичноста, но исто така има и доста модерни елементи. Тоа што целокупната инсталација се решава и оди подземно и тоа што ќе има едно прекрасно осветлување кое што навечер ќе даде целосно нов дух на овој дел од градот, мислам дека целосно ќе го смени ликот. Toa ќе значи голема шанса и за околните жители нивните имоти да добијат вредност, а тука зошто да не да се отворат и угостителски објекти во кои што ќе можат да доаѓаат и гости од државата, но и гости од странство кои што често знаат да ја посетат Гевгелија. Kако Влада и како Министерство за транспорт дадовме поддршка во реализација на овој проект, во вкупна вредност од некаде 81 милион денари”-истакна Николоски.

Тој најави и нов проект за општина Гевгелија.

“Заедно со градоначалникот пред некој ден разговаравме и за нов влез на градот кој што ќе го преземеме како обврска Министерството за транспорт, еве можам и официјално да најавам така што ќе работиме заеднички за еден нов влез на градот” – рече заменик претседателот на Владата, Николоски

Николоски истакна дека до сега Владата преку Министерството за транспорт во општина Гевгелија инвестира 165 милиони денари во инфраструктурата.

“Покрај оваа улица на која што сме во моментов, завршена е и изградбата на улицата Новопланирана во вредност од 2,4 милиони денари, како и изградба на парк со детско игралиште на улица Деко Ковачев во вредност од 7,1 милион денари.  Завршена е реконструкција и рехабилитација на дел од булевар Гевгелија и натпатник на улица Железничка во првиот повик 17,7 милиони денари. Преку средства од Министерството за транспорт завршивме и реконструиравме улици во село Моин, во село Прдејци и во село Богородица и завршен е Западниот булевар фаза 3 со средства обезбедени од Министерството за транспорт со поддршка на Светска банка во вредност од 30,8 милиони денари” – додаде Николоски.

Министерство за транспорт