Во моментов во општините низ Македонија се реализираат околу 1.200 инфраструктурни проекти со поддршка од Владата, а целта е да се подобри локалната инфраструктура што директно го олеснува секојдневниот живот на граѓаните, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во гостувањето во поткастот „Радар“.
Според него, општините со години биле запоставувани, поради што Владата одлучила паралелно со големите инфраструктурни инвестиции да даде приоритет и на локалните проекти.
„Убаво е да зборуваме за брза пруга, автопати, експресни патишта и аеродроми, но прво луѓето кога ќе излезат од дома гледаат дали газат во кал, дали имаат атмосферска канализација, водовод, фекална канализација и уредени тротоари. Тоа е она што им е најважно на граѓаните. Ако тоа не го средите, нема поента да ги градите големите инфраструктурни проекти“, изјави Николоски.
Тој нагласи дека токму затоа Владата најпрво се фокусирала на подобрување на локалната инфраструктура, а потоа и на инвестиции во градинки, училишта, амбуланти и болници, како основа за понатамошен развој.
Тој се осврна и на мерките за поддршка на стопанството, оценувајќи дека поволните кредитни линии значително ги поттикнале инвестициите во приватниот сектор.
Според него, компаниите добиле пристап до кредити со поволна каматна стапка што овозможило евтино финансирање.
„Кога на пазарот ќе понудите кредит со камата од 1,95 проценти, банките мора да ги намалат и останатите камати за да останат конкурентни. Нашата проценка е дека покрај 250 милиони евра обезбедени преку овие кредитни линии, компаниите повлекле уште околу 250 милиони евра редовни кредити, а инвестирале и најмалку исто толку сопствени средства. Тоа значи дека зборуваме за инвестициски циклус од најмалку 750 милиони евра во приватниот бизнис“, рече Николоски.
Министерство за транспорт


