Владата, на предлог на Министерството за здравство, ја усвои иницијативата за формирање самостоен центар заИтна медицинска помош во Скопје, со цел воспоставување поефикасен и поодржлив систем за итен медицински одговор. Очекувањата се новиот модел да придонесе за скратување на времето на интервенција и подобрување на капацитетите за спасување човечки животи.
Министерот за здравство Азир Алиу оценува дека станува збор за суштинска системска реформа која ќе ја зајакне организациската и оперативната самостојност на службата.
„Со формирањето самостоен центар ќе се овозможи поефикасно управување со ресурсите, посебно буџетско планирање и побрзо донесување одлуки. Ова не е нов систем, туку модернизација на постојниот“, истакна Алиу.
Итната помош станува независна институција
Во првата фаза, Итната медицинска помош – Скопје ќе биде издвоена како посебна институција, додека во наредниот период се предвидува постепено интегрирање на другите служби во рамките на новиот центар.
Според Министерството за здравство, сегашниот модел на организирање на Итната помош во рамки на здравствените домови создава неефикасност и отежната координација. Со новото решение, управувањето и командниот систем ќе бидат централизирани, што се смета за клучно за подобро функционирање.
Алармантни податоци: граѓаните чекаат и до 40 минути
Реформата доаѓа во услови на загрижувачки податоци за времето на одзив. Според министерот Алиу, во Македонија граѓаните понекогаш чекаат меѓу 30 и 40 минути за пристигнување на брзата помош, што е значително подолго во споредба со европските стандарди.
„Во Словенија времето на одзив е меѓу 7 и 8 минути. Во здравството времето е клучен фактор – не е важна само експертизата, туку и моментот кога лекарот ќе пристигне“, нагласи министерот во гостувањето во „Ноќно студио“ на „4ТВ“.
Нов систем со софтвер, навигација и видео-асистенција
Покрај институционалните промени, се работи и на воведување напреден софтверски систем кој ќе овозможи: следење на возилата во реално време, оптимизирана навигација и поефикасно распределување на ресурсите.
Дополнително, се планира воведување на камери во возилата и кај теренските тимови, што ќе овозможи директна комуникација со специјалисти од болниците. Ова значи дека лекарите ќе можат да даваат упатства и да асистираат во третманот уште додека пациентот е на терен или во транспорт, што може значително да ја зголеми успешноста на интервенциите.
Според проценките, имплементацијата на системот ќе трае меѓу пет и шест месеци.
DW




