Колегиумот на Јавното обвинителство за организиран криминал во Србија на 4 ноември објави дека српскиот претседател Александар Вучиќ се обидел да „врши несоодветно и неовластено влијание врз ова обвинителство“ во јавно појавување претходниот ден.
Со оваа изјава, обвинителството реагираше на гостувањето на српскиот претседател во емисијата „Kирилица на Миломир Мариќ“ емитувана на 3 ноември на телевизијата Прва.
За време на тоа појавување, Вучиќ ги нарече одредени обвинители од Обвинителството за организиран криминал „криминалци“ и „корумпирана банда“.
„Еве ви кажувам дека сте корумпирана банда во обвинителствата, во повеќето обвинителства, дека имате под ваша контрола колку што сакате корумпирани судии со кои работите, но исто така мислам дека мнозинството и од обвинителите и од судиите се чесни и одговорни луѓе“, изјави Вучиќ за телевизијата Прва, како што објави Бета.
Според него, „таа корумпирана банда, од одредени обвинителства, го измисли случајот со реновирањето на Генералштабот“.
Имено, истрагата на обвинителството за фалсификување документи врз основа на кои српската влада го поништи статусот на културно наследство на оштетените згради на Генералштабот во Белград е во тек.
Намерата за изградба на луксузен хотел на тоа место ја изрази на почетокот на 2024 година Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, а српскиот претседател претходно изјави дека е „воодушевен“ од проектот.
slobodnaevropa.mk




