Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) го најавија своето повлекување од нафтениот сојуз ОПЕК и од проширениот сојуз ОПЕК+. Чекорот ќе стапи на сила на 1 мај, објавија државните медиуми. Како причина се наведува темелна проценка, имајќи ги предвид и тековните „нарушувања во Персискиот Залив и Ормускиот Теснец“, се вели во соопштението.
На повлекувањето му претходеше остра критика на ОАЕ кон други арапски држави. ОАЕ ги обвинија другите земји во регионот дека не го штитат доволно земјиштето од бројните ирански напади во рамки на војната во Заливот.
Одлуката претставува тежок удар за преостанатите земји членки на ОПЕК и за нивниот де факто лидер Саудиска Арабија – особено затоа што војната на САД и на Израел против Иран веќе предизвика историски енергетски шок и ја потресе светската економија. Енергетскиот министер на ОАЕ, Сухаил Мохамед ал-Масруи, изјави за новинската агенција Ројтерс дека одлуката е донесена по внимателна анализа на енергетските стратегии. На прашањето дали неговата земја се усогласила со Саудиска Арабија, тој одговори дека темата не била дискутирана со ниту една друга држава.
ОПЕК – трн во око на Трамп
Неочекуваната загуба на долгогодишна членка се заканува да ја ослаби ОПЕК, која и покрај внатрешните несогласувања околу геополитиката или производните квоти, досега најчесто настојуваше да настапува обединето. За американскиот претседател Доналд Трамп, повлекувањето на ОАЕ претставува голем успех. Тој ја обвинуваше ОПЕК дека „го ограбува“ остатокот од светот преку вештачки високи цени на нафтата.
Донеодамна, ОПЕК броеше дванаесет земји членки: покрај Емиратите и Саудиска Арабија, тука се и Иран, Ирак, Кувајт, Либија и Венецуела. Русија, Оман и Бразил припаѓаат на проширениот сојуз за соработка ОПЕК+. Земјите членки на ОПЕК меѓусебно се договараат за количeствата на нафта што ќе ги произведуваат – со овие квоти тие имаат значително влијание врз светската цена на нафтата.
Пред војната на Блискиот и Средниот Исток да доведе до пад на производствените количини, во Емиратите во март сè уште се произведуваа 3,4 милиони барели нафта дневно (по 159 литри секој) – повеќе од 16 проценти од вкупното производство на ОПЕК. На почетокот на 2019 година, регионалниот сосед Катар веќе ја напушти ОПЕК, образложувајќи дека, како водечки светски извозник на гас, повеќе нема причина да остане членка.
DW




