Обновување на злогласниот Голи Оток во Хрватска

На Денот на сеќавање на жртвите на тоталитарните режими, 23 Август, Хрватите одлучија да се рехабилитира најозлогласениот остров во Југославија.
Имено, хрватската организација „Документи“, односно тамошниот центар за соочување со минатото, се осврна на уривањето на симболот на тортурата на политичките затвореници – Голи Оток, со желба овој застрашувачки споменик да не се урне, туку, напротив, што поскоро да се преземат мерки тој да се зачува. Како причина наведоа дека сметаат оти со уривањето на застрашувачкиот затвор децата ќе останат без место каде што ќе можат да учат за историјата, пред сè за страдањата на нивните сонародници.
Заменикот на германскиот амбасадор во Хрватска истакна дека Голи Оток е место каде што обично нема информации што всушност се случило таму.
– Денес ова место е достапно за секого, а никаде нема сведоштва што точно се случувало тука – изјави амбасадорот.
Од друга страна, јавноста во Хрватска, како и на просторот на поранешна Југославија, е поделена. Многумина сметаат дека затворот треба да се срамни со земја.
– Којзнае колку крв испи таа земја – напиша еден следбеник на социјалната мрежа Твитер, шокиран од фактот дека ова страшно место, каде што се измачувале луѓе, треба да се реставрира.
Голи Оток беше затвор и суров работен логор за политички затвореници, првенствено поддржувачи на сталинизмот, по расколот меѓу Тито и Сталин. Основан е во 1948 година, како логор за интернација, во времето на очекуваната инвазија на Југославија од страна на земјите од Источниот блок, предводени од Советскиот Сојуз. Низ голгота на овој остров минале точно 16.101 затвореник, мажи и жени. Повеќето преживеале, но оние 413, кои, според официјалните белешки, загинале на ова место, починале во најтешка агонија, најмногу од тепање, гладување и мачење.

 

novamakedonija.com.mk