Синдикатот на контролори на летање ССКЛМ ја стави во мирување одлуката за штрајк што требаше да се реализира денеска (10 јули), потврди за МИА претседателот на ССКЛМ Александар Тасевски.
„Тоа што го баравме се придвижува, одобрено е барањето за вработувања на контролорите и за спроведување на функционалната анализа која ќе определи кои се работни места и број на извршители треба да постојат“, изјави Тасевски.
Сепак, тој најавува дека ќе го оспорат последниот конкурс за вработување за кој веќе реагираа во предупредувањето за штрајкот.
„Не застануваме тука ќе продолжиме да бараме професинализам. Има неправилности и во последиот конкурс, ние повторно дадовме шанса, но очигледно УО нема намера да застане“, вели Тасевски.
ССКЛМ преку известување до раководството на М-НАВ минатиот месец побара да биде поништен последниот оглас за нови вработувања и да ги испочитува обврските од минатогодишната Спогодба која беше основа за ставање во мирување на тогашната одлука за штрајк. Повикаа да се пристапи кон итна реализација на неисполнетите точки од Спогодбата најдоцна до крајот на јуни, а во спротивно најавија реактивирање на штрајкот на 10 јули.
slobodnaevropa.mk




