Подготвителната седница за Законот за јазиците е закажана за 19 јуни, изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој во интервју за емисијата Трилинг објасни дека поради трагедијата во Кочани, Судот еднаш ја одложи седницата, а неговите проценки се дека после локалните избори наесен за да се избегне етнизација и политизација, веќе ќе има одлука на Судот.
“Моја проценка е дека конечната одлука ќе биде донесена после изборите. Да не се случеше трагедијата, подготвителната седница ќе беше веќе завршена, и за во јуни некаде природно би дошло носењето на одлуката. После подготвителната седница ќе ни требаат месец, месец и пол, два, за да се подготви нов реферат, за да се сублимираат сите мислења на сите учесници“, изјави Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд вели дека никој не треба да стравува од одлуките на судот, зашто не станува збор за напад на нечии права. Тој оценува дека непотребно се создаде голема фама со давање на етнички и политички димензии за постапувањето на судот.
„ Мое длабоко уверување е дека ние во овој стадиум на развој на нашето општество немаме проблем во меѓуетничките односи. Имаме друг тип на проблем,а тоа е злоупотреба на меѓуетничките односи за политички цели. Ете тоа го сведочевме целиот изминат период и по постапувањето за „Балансерот” и Законот за јазиците“, вели Костадиновски.
slobodnaevropa.mk