Од Одра се извлечени сто тони мртва риба

По еколошката катастрофа на реката Одра, на полската страна од реката досега се извлечени сто тони мртва риба. По причините за поморот сѐ уште се трага.

„Никогаш досега не сме имале интервенција со ваква големина во некоја река“, изјави вчера (16.08) портпаролката на противпожарните единици во Полска, Моника Новаковска-Дринда. Таа наведе дека од петокот досега на полската страна на реката Одра од водата се извлечени сто тони мртва риба. Во чистењето на Одра на полската страна се вклучени повеќе од 500 пожарникари.

Мртви риби од водата се извлекуваат и на германската страна на Одра. Експертите забрзано трагаат по причините за масовниот помор на рибите, но досега без успех.

Министерството за заштита на животната средина во Варшава наведе дека и натаму не се откриени отрови во реката Одра кои би можеле да бидат причина за масовниот помор на рибите. Министерката Ана Москва изјави: „Во ниедна од досега земените проби не се пронајдени отровни супстанции.“ Владата на Полска се обидува да открие и дали можеби за масовниот помор има природни причини, пред сѐ можни повисоки концентрации на отровни материи и сол кои се резултат на паднатото ниво на водата во реката и високите температури. Трета теза за можната причина за поморот е во реката да е влеана индустриска отпадна вода со висока концентрација на хлор.

Во Полска, мртви риби за првпат беа регистрирани на 28 јули, во регионот околу полскиот град Вроцлав. Првите угинати риби на германска територија пристигнаа пред една недела – без да бидат дадени претходни предупредувања од полска страна. Во меѓувреме, и во германскиот дел на Одра се пронајдени безброј мртви риби. Бранот со мртви риби се движи во правец на вливот на Одра во Балтичкото Море.

Граѓаните во Германија се повикани да не не доаѓаат во допир со водата во Одра. Какви се долгорочните последици за рибите, другите животни и растенијата во регионот на Одра, сѐ уште не може да се предвиди.

И сојузната влада и покраината Бранденбург изразија незадоволство од недостигот на информации од Полска. Премиерот на Бранденбург, Дитмар Војдке, по посетата на Лебус на Одра, оцени дека се недоволни информациите кои од полска страна доаѓаат „капка по капка“ или „никако“.

Германскиот сојуз на риболовци и Германскиот риболовен сојуз, пак, ги критикуваат германските власти. „Однадвор погледнато, активностите на германските власти не делуваат како суверено управување со кризи“, се вели во заедничката изјава на двата сојуза.

– повеќе: Ексклузивно: Систематско загадување на светските мориња

Претседателот на германско-полската пратеничка група во Бундестагот, Паул Цимијак, повика на „целосно разјаснување“ на случајот. Наместо вината да се префрла од еден на друг, потребно е решавање на „овој опасен еколошки проблем“, изјави Цимијак за медиумската групација „Функе“.

 

Дојче Веле