Октомври е месецот во кој светот се обединува во борбата против карциномот на дојка со цел да се подигне свеста, да се охрабрат жените за редовни прегледи и да се пружи поддршка на сите што се соочуваат со оваа болест, јавува Анадолу.
Со оглед на тоа што, според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), секоја осма жена се соочува со ризик од дијагноза на карцином на дојка, важноста на превентивните прегледи, раното откривање и едукацијата стануваат основни алатки за спасување животи.
Токму на оваа тема, екипата на Анадолу имаше можност да разговара со доктори од областа на радиологијата и онкологијата, кои споделија професионални гледишта за значењето на мамографијата, раната дијагноза и чекорите кои секоја жена може да ги преземе за да го зачува своето здравје.
– Клучни симптоми кои не треба да се занемаруваат –
„Карциномот на дојка најчесто се појавува во форма на грутка или топка коишто пациентите ја опишуваат, која што се напипува сосема случајно“, изјави за АА д-р Елена Накова, доктор по медицина, специјализант по Радиологија.
Таа рече дека многу од овие грутки не предизвикуваат болка, што ја отежнува раната детекција и дека само 30 отсто од жените ќе почувствуваат болка во почетните фази на ракот на дојка. Покрај тоа можат да се јават и промени на кожата, кои пациентите ги опишуваат како кора од портокал.
– Дали можеме да ги спречиме ризик факторите?
На прашањето во врска со најчестите ризик фактори за појава на ова заболување, д-р Накова изјави:
„Во медицината постои едно општо земено правило, односно правило е дека нема правило, никој од нас не е изолиран без разлика дали ги поседува овие ризик фактори или не, меѓутоа, постои една класификација, која што во текот на годините и искуствата е направена“.
Според нејзините зборови, здравиот начин на живот е клучен за секоја индивидуа, меѓутоа постојат и такви ризик фактори на кои што не може да се делува, како што се генетските мутации, полот и позитивна фамилијарна анамнеза.
Со оглед на тоа што старосната граница на ова заболување е поместена и сѐ повеќе млади заболуваат, таа рече:
„Жалосно е што можам да кажам дека во Македонија најмладата пациентка има 18 години“.
– Самопрегледот и скринингот – најдобрите сојузници
Самопрегледот се препорачува како прв чекор во скринингот, особено кај младите жени.
„Секоја жена, девојка барем еднаш месечно се препорачува да прави самопреглед. Од медицинска гледна точка, мамографијата и ултразвукот се оние методи кои се препорачуваат за рана детекција во скринингот за карцином на дојка“, изјави д-р Накова.
Мамографијата е посебно важна во раната детекција на рак на дојка и се препорачува за жените над 40 години, додека ултразвукот е препорачан кај жени под 40 годишна возраст поради избегнување на радијација.
– Лекување на карциномот на дојка: Методи и терапии –
На Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, екипата на Анадолу разговараше и со специјалист д-р Гордана Петковска, онколог со повеќегодишно работно искуство на Одделението за малигни тумори на граден кош кај жените, во врска со процесот на лекување на карциномот на дојка.
„Една од најстарите терапии кои ги имаме и секојдневно ги користиме е хемотерапијата, таа е неселективна терапија и причина зошто паѓа косата кај жените и од која очекуваме гадење, повраќање, малаксаност и слично. Тоа е цитотоксична терапија, којашто не е токсична само за малигните клетки туку и за другите клетки во нашиот организам“.
Според нејзините зборови, понова и селективна метода е биолошката терапија, која е насочена кон специфични молекули на туморот и како таков го неутрализира, но сепак за жал не е терапија за секој пациент.
На прашањето колку типови на карцином на дојка постојат, спец. д-р Петковска рече:
„Најчести се дукталниот (инванзивен) и лобуларниот карцином. Од нив се разликуваат подгрупи, како хормонски зависниот карцином, HER2 позитивен карцином и тројно негативен карцином“.
Спец. д-р Петковска вели дека овие подгрупи бараат различни пристапи во терапијата при што додава:
„Радиотерапијата е исто така незаменлив дел од медицинскиот третман на пациентките со карцином на дојка, особено важен кај пациентките коишто имаат презервирачка операција на дојка. Тоа значи дека не е извадена целата дојка, она кон што се стремиме да откриваме мали тумори, кои може да ги лекуваме со отстранување само на дел од дојката, со цел жената да го задржи својот опис, својата женственост и своите дојки“.
– Влијанието на доењето –
Постојат некои студии кои покажуваат дека доењето може да го намали ризикот од карциномот на дојка, но не претставува целосна заштита, објаснува спец. д-р Петковска и вели:
„Повеќе овој фактор индиректно влијае, затоа што жените во тој период додека дојат претрпуваат одредени хормонални промени во нивното тело во смисла на намалена концентрација на хормони во нивното тело, тоа трае доколку трае доењето, така да отсуството на хормони е оној фактор кој што придонесува за помала стапка на карцином на дојка кај жени коишто доеле.”
– Важноста на раното откривање –
Најдобриот начин да се намали ризикот од фатални последици е преку рано откривање на карциномот на дојка.
„Ако жените почувствуваат било каква промена во градите, треба веднаш да побараат медицинска помош”, советува спец. д-р Петковска.
Раното откривање овозможува многу поголеми шанси за успешен третман и зачувување на здравјето.
– Психолошка поддршка за пациентките –
Карциномот на дојка не е само физичка болест – тој носи голем психолошки товар за пациентите и нивните семејства. Во клиниките сè повеќе се вклучуваат психолози и психијатри како поддршка на пациентите.
„За жал во оваа борба не е само физичкиот момент, многу често психичкиот товар на цела оваа болест ја носи самиот пациент“, нагласува спец. д-р Петковска која додава:
„Во рамките на Универзитетската клиника на радиологија и онкологија функционира и психолошко советувалиште каде работи и психолог и кој е незаменлив дел од овој тим затоа што сметам дека на овие пациенти и на семејствата им е потребна помош“.
Исто така, рече таа, пациентските здруженија играат значајна улога, бидејќи овозможуваат соработка и поддршка меѓу пациентите.
– Совет за жените –
Спец. д-р Петковска советува жените редовно да ги прегледуваат своите гради и да ги знаат промените во своето тело.
„На секоја жена ѝ порачувам да го познава своето тело и да го сака, само на тој начин ќе може да види доколку нешто не е во ред, а и само на тој начин ќе оди редовно на прегледи и редовно ќе прави контроли” вели таа.
Таа, исто така, апелира на подигнување на свеста и отвореноста во комуникацијата меѓу жените:
„Карциномот на дојка е меѓу нас и не е стигма. Секоја жена ако натера барем една пријателка да направи редовен преглед, нејзината мисија е веќе поуспешна”.
Иако не постои комплетна заштита од рак на дојка, ранaта детекција и навременото лекување можат значително да го подобрат исходот.
Во оваа борба, најголемото оружје останува свеста и подготвеноста на секоја жена да го преземе првиот чекор.
– Од карцином на дојка можат да заболат и мажите –
„Иако карциномот на дојка најчесто го среќаваме кај женската популација и мажите можат да бидат засегнати“, изјави спец. д-р Петковска.
Секоја година се дијагностицираат случаи на карцином на дојка кај мажи, особено на возраст над 60 години.