Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование, и покрај барањата на опозициските пратеници, кои предупредуваат дека предложените решенија можат да ја нарушат универзитетската автономија и да воведат поголема државна контрола врз високото образование.
Одговарајќи на прашање од пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Јаневска рече дека јавните расправи сè уште се во тек на универзитетите и дека текстот е објавен на платформата ЕНЕР, каде што сите засегнати страни можат да доставуваат коментари. Таа призна дека има реакции од студенти и наставно-научниот кадар, но оцени дека дел од критиките се прегенерализирани и исполнети со флоскули.
„Нема да го повлечам законот, за добробит на сите“, рече Јаневска.
Опозицијата тврди дека законот премногу се фокусира на административни процедури и ја централизира контролата, наместо да ги решава суштинските проблеми како недоволното финансирање, одливот на млади кадри и слабата поврзаност со пазарот на труд. Костадиновска-Стојчевска на седницата цитираше и дел од забелешките од јавната дебата, во кои се предупредува дека автономијата не е само формула во закон, туку начин на функционирање, како и дека реформата ризикува да остане „реформа на хартија“ без реален ефект врз квалитетот.
Јаневска возврати дека членот 13 од нацрт-законот, според нејзиното толкување, токму ја штити универзитетската автономија, а не ја нарушува, и додаде дека во подготовката учествувале над 60 професори. Таа најави дополнителни консултации пред финалната верзија.
На истата седница, министерката одговараше и на пратеничко прашање од Халил Снопче, кој праша зошто дел од средношколците немаат можност да продолжат да студираат на мајчин јазик на акредитирани студии и дали постои стратегија за обезбедување соодветен стручен кадар.
slobodnaevropa.mk




