Кампањата против Петер Маѓар: обвиненија, дезинформации и политички цели
Што сè не му припишуваат владините политичари и претставниците на Фидес: Петер Маѓар, лидерот на опозицијата, шеф на партијата Тиса и фаворит за парламентарните избори напролет (2026), наводно е роб и платеник на Брисел, агент на Украина и поддржувач на војна, кој наводно сака присилно да регрутира унгарски военоспособни мажи, корумпиран шарлатан кој ја уништува Унгарија, злоставувач на жени и, генерално, измамник и лажго.
Можеби ова звучи премногу апсурдно за вистински да ја сврти јавноста против Маѓар. Но факт е: и покрај агресивната кампања на владата и Фидес, која треа повеќе од една година, овој конзервативен опозициски лидер стана најпопуларниот политичар во земјата. Партијата Тиса до неодамна достигнуваше нови рекорди во анкетите.
Но сега растот забавува. Четири месеци пред изборите, поддршката за Тиса стагнира, додека партијата Фидес на Виктор Орбан полека се приближува. Во некои анкети предноста на Тиса паднала од десет на пет проценти.
Набљудувачите ова го објаснуваат со делумна промена на стратегијата во кампањата на Орбан. Унгарскиот премиер веќе неколку месеци ја преплавува јавноста со парични, даночни и социјални ветувања. Унгарските медиуми ова го нарекуваат „цунами од ветувања“.
Но Орбан не се ограничува само на ветувања за после изборите. Тој веќе сега дели скапи предизборни подароци — иако буџетскиот дефицит расте и моментално изнесува околу пет проценти, при стагнација на економијата, опаѓање на даночните приходи и замрзнати ЕУ-фондови.
На пример, од почетокот на 2026 година стапува на сила доживотно ослободување од данок на доход за мајки со две деца — прво за оние под 40 години, а подоцна и за постарите мајки. Пензионерите во февруари 2026-та ќе добијат не само 13-та, туку и 14-та пензија — само осум недели пред изборите. Неколку други даночни олеснувања за семејства и додатоци за пензионери веќе се во сила.
Долготрајно задолжување
Орбан за оваа политика има формула која звучи добро: „Од нас профитираат и тие што не гласаат за нас.“
Иронично е што додека ја задолжува земјата со овие предизборни подароци, редовно ги обвинува другите земји од ЕУ дека со поддршката на Украина ги трошат парите на идните генерации.
„Цунамито од ветувања“ оди рака под рака со нова негативна кампања против Петер Маѓар, со уште поапсурдни обвинувања. Ако тој победел и на власт дојдела Тиса, велат, Унгарците би морале да плаќаат за финансирање на војната во Украина. Дополнително, Маѓар наводно би вовел високи даноци за кучиња и мачки.
Пензионерите – најважната гласачка база на Орбан
Политикологот Золтан Погаца за ДВ на унгарски вели дека Фидес се приближил до Тиса затоа што кампањата особено влијае на неопределените гласачи:
„Тие се плашат дека нивниот животен стандард ќе падне,“ вели тој.
Слично мисли и политикологот Андраш Биро-Наѓ од институтот Политички решенија: Фидес сака да го зголеми „перципираниот ризик“ од промена на власта.
DW




