Осуда и критики по нападот на Израел во Катар

Арапскиот свет го осудува израелскиот воен напад врз претставници на Хамас во Катар. Нападот во една од најважните посреднички држави во кризниот регион веројатно дополнително ќе ги ескалира тензиите – и дополнително ќе го изолира Израел на меѓународно ниво.

Египет го нарекува нападот во Доха „неприфатлив развој на настаните“. Нападот бил насочен кон состанок на „палестински лидери на кој требало да се разговара за начините за постигнување договор за прекин на огнот“ во Газа. Египет ја повика меѓународната заедница да дејствува. Нападот претставува „опасен преседан“, соопшти кабиинетот на претседателот Абдел Фатах ал-Сиси. Египет и Катар, заедно со САД, се клучните посредници меѓу Хамас и Израел.

Саудиска Арабија зборува за очигледно кршење на катарскиот суверенитет. Министерството за надворешни работи предупреди на „сериозни последици“ за регионот и изрази целосна солидарност со Катар. Престолонаследникот на Саудиска Арабија и де факто владетел, Мохамед бин Салман, повтори дека кралството ги користи сите средства за да му помогне на Катар во заштитата на својата безбедност и суверенитет.

Турција: „Примена на државен тероризам“
Турското Министерството за надворешни работи нападот го нарече „подол“ и „доказ за експанзионистичката политика на Израел и неговата примена на државен тероризам“. „Целниот напад врз преговарачката делегација на Хамас за време на тековните преговори за прекин на огнот покажува дека Израел не бара мир, туку има намера да ја продолжи војната“, се вели во соопштението.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас го критикуваше „бруталниот напад врз Катар“, за кој рече дека ја загрозува безбедноста и стабилноста на регионот. Јордан ги нарече постапките на Израел „кукавичка агресија“. Министерот за надворешни работи Ајман ал-Сафади на платформата X објави дека нападот претставува еклатантно кршење на меѓународното право. Нападот, како што се вели, е продолжение на „бруталната израелска агресија“ што ја загрозува безбедноста и стабилноста на целиот регион.

Претседателскиот советник од Обединетите Арапски Емирати, Анвар Гаргаш, нападот го нарече „подмолен израелски напад“. Обединетите Арапски Емирати цврсто стојат зад својата сестринска држава, Катар. „Во целосна солидарност со драгиот Катар“, објави и министерот за надворешни работи на Емиратите, Абдула бин Саџид.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаеи, на државната телевизија изјави дека израелската операција претставува „очигледно кршење на сите меѓународни правила“ и „повреда на националниот суверенитет и територијалниот интегритет на Катар“.

Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, изјави дека нападот во Доха го нарушил суверенитетот на Катар. Израел, според него, не се интересира за последиците од неговите постапки кои се за осуда. Ирак, Оман и Кувајт, исто така, го осудија нападот.

Критики од Германија
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул исто така ги критикува постапките на Израел. „Нападот на Израел во Доха не само што го нарушува територијалниот суверенитет на Катар, туку ги загрозува и сите наши напори за ослободување на заложниците“, изјави Вадефул. „Овој удар е неприфатлив“.

Вадефул, според сопствени наводи, разговарал по телефон со својот израелски колега, Гидеон Сар. За време на разговорот, тој му рекол на Сар дека е „длабоко загрижен за животите и безбедноста на заложниците во рацете на Хамас, меѓу кои има и германски државјани“.

Според портпаролот на германската влада Штефан Корнелиус, сојузниот канцелар Фридрих Мерц вчеравечер (9.09) разговарал по телефон со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад бин Калифа Ал Тани. За време на разговорот, тој ги пофалил посредничките напори на Катар за постигнување на прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците на Хамас.

Нарушувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Катар со денешниот израелски напад е неприфатливо, рекол Мерц, додавајќи дека војната не смее да се прошири на целиот регион. Германската влада е во близок контакт со израелската влада по ова прашање.

 

 

 

 

DW