ОЈО бара продолжување на притворот за насилникот кој во повеќе наврати ја напаѓал поранешната сопруга!

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Доказите обезбедени во текот на претходната постапка ја потврдуваат основаноста на сомненијата дека обвинетиот на 1 декември во попладневните часови, во семејната куќа во Љубанци, вршел семејно насилство, при што телесно ја повредил поранешната сопруга со која по разводот на бракот продолжиле да живеат во заедничко домаќинство.

Тој и пришол од зад грб, со рацете ја зграпчил за вратот и ја стегал, па ја удирал со тупаници и ја кубел за косата.

Имајќи предвид дека обвинетиот е претходно осудуван, му се води и друга постапка за истородно дело, а оштетената повеќепати ја напаѓал, јавниот обвинител оцени дека постои реална опасност тој да се обидува да го избегне кривичниот прогон ако биде пуштен на слобода. Затоа до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор со цел негово обезбедување во текот на постапката.