„Пари“ открива: Највисоката исплатена сума на К-15 лани била речиси 34.000 евра – Колку е годинава?

Денес е последниот работен ден од законската обврска компаниите да им исплатат регрес за годишен одмор (К-15) на вработените.  Право на регрес  имаат сите вработени во приватниот сектор, и дел од администрацијата кои работеле кај ист работодавач најмалку шест месеци во текот на календарската година. Износот на К-15 е различен секоја година и зависи од движењето на просечната нето и бруто плата во државата.

 Но, што покажуваат бројките на Управата за јавни приходи, колку газдите се дарежливи кога станува збор за исплата на К-15? Порталот „Пари“ви открива кои се највисоките, но и најчесто исплатени суми лани и како досега се одвива исплатата на регресот за годишен одмор за 2022-ра година? Притоа мора да напоменеме дека пресекот на бројките за 2022-ра година е 20 декември, што значи дека бројките за годинава ќе претрпат одредени измени бидејќи дел од компаниите исплаќаат регрес до 31 декември.

 Во 2021 година највисокиот исплатен регрес верувале или не бил во висина од  2.077.067 денари, односно 33.780 евра. По највисоката исплатена сума на К-15 следуваат исплати од 310.000 денари (5.040 евра), потоа 300.000 денари (4.878 евра).

 Следните суми кои се исплатени како регрес за годишен одмор се 186.000 денари (3.024 евра) и 180.000 денари (2,926 евра).

Овие суми на К- 15 се исплатени во дејностите: товарен патен транспорт,  истражување на пазарот и испитување на јавно мислење, сметководствени книговодствени и ревизорски работи и  даночно советување, компјутерско програмирање, трговија на мало со цвеќе садници.

 Во 2022 година, пак, највисокиот износ на исплатен К- 15 до 20 декември изнесува  610.000 денари(9.918 евра),  потоа следуваат исплати по 323.942 денари (5.267 евра), 279.000 денари(4.536 евра),  258.333  денари (4.200 евра) и исплата од 240.000 денари (3.902 евра).

 Највисоките суми на К-15 и годинава се исплаќани во речиси слични дејности: истражување на пазарот и испитување на јавното мислење, товарен патен транспорт, сметководствени книговодствени и ревизорски работи, градежно занаетчиски дејности  и изградба на станбени и нестанбени згради.

Од Управата за јавни приходи напоменуваат дека овие податоци се извадок од системот е-ПДД каде што исплатувачите го специфирале овој вид доход при исплата.

 Додека од една страна се исплаќаат вртоглави суми, од друга страна работници се жалат дека работодавците го изигруваат законот и не им делат пари за регрес. Бројките на УЈП покажуваат дека поголемиот дел од компаниите на вработените, пак им исплаќаат во висина околу минималната сума за К-15 која според последните податоци на ДЗС, треба да изнесува 12.740 денари.

Во 2021 година според податоците на УЈП, кај исплатата на најниската гранична сума за К – 15, на 316.926 работници им е исплатен К- 15 над 10.000 денари.

Сума помеѓу 9.000 до 10.000 денари по основ за К- 15 е исплатено на 25.188 работници, додека на 6.606 работници им е исплатен К- 15  под 9.000 денари.

 Во однос на 2022 година до 20.12.2022 година на 191.580 работници им е исплатен К- 15 над 10.000 денари, вкупно 11.240 работници земале помеѓу 9.000 и 10.000 денари по основ на К – 15, додека за 19.779 работници исплатен е К- 15 под 9.000 денари.

 Од 1 јули до 31 декември 2022 компаниите имаат законска обврска да им исплатат регрес за годишен одмор (К-15) на вработените во приватниот сектор, а од годинава за ова право се изборија уште 27 000 административци.

Според Колективниот договор, основицата за пресметување на регресот за годишен одмор на работниците преставува просечната месечна нето-плата по работник во Македонија исплатена во последните три месеци.

 Минималниот износ на К-15 не треба да биде помал од 40 проценти од просечната нето плата во последните три месеци, додека законот не предвидува горна граница.

 Работодавците кои нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.

 Најмногу поплаки за непочитување на обврската за исплата на регрес за годишен одмор доаѓаат од текстилните работници. Тие тврдат дека како К-15 добиваат и по 100 денари бидејќи намерно е оставена дупката во колективниот договор каде се вели доколку фирмата има економски потешкотии може да исплати и пониска сума од предвидената сума. Секоја година согласно порастот на просечната плата се покачува и сумата за К-15. Меѓутоа тоа во случајот како што велат, не значи ништо, бидејќи не е наведено која е минималната сума.

извор: pari.com.mk