Пендаровски и Ковачевски се сретнаа со Шолц во Њујорк

Тема на разговорите на претседателот Стево Пендаровски и канцеларот Олаф Шолц биле билатералната соработка, европската перспектива на Северна Македонија и актуелните случувања во регионот, соопшти кабинетот на македонскиот претседател.

Пендаровски изразил благодарност за досегашната поддршка од Германија како еден од најблиските сојузници и изразил очекување за натамошна силна поддршка од германските власти во процесот на преговори за пристап во ЕУ, посочувајќи дека забрзувањето на интегративните процеси е во интерес на политичката, безбедносната и економската стабилност на целиот регион.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на кусата средба со германскиот канцелар се заблагодарил за соработката меѓу двете земји во рамките на ОН, но и на билатерална основа во изминатите 30 години. Според соопштението од македонската Влада, на средбата било нагласено дека Германија ја очекува Северна Македонија во Европската Унија и дека државничката одлука која треба да се донесе во периодот што претстои, е единствена шанса да се осигура квалитет на живот на македонските граѓани според европските стандарди и постигнување членство во ЕУ до 2030 година. Во спротивно, како што е оценето, македонските граѓани и државата е извесно дека ќе соочат со изолација на долг рок, што не од интерес ниту на Северна Македонија ниту на регионот и Европа, се вели во соопштението.

Германскиот канцелар Шолц во јуни годинава изјави дека „Германија сериозно ја сфаќа ЕУ-перспективата на земјите од Западен Балкан, а тоа особено важи за Северна Македонија“. На прес-конференција во Берлин пред билатералната средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, Шолц тогаш рече: „Имаме особена почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Северна Македонија ги вложува на патот кон ЕУ“.

Коментирајќи ги најавите од Бугарија дека уставните измени се само првиот од условите што Северна Македонија треба да ги исполни на патот кон ЕУ, Шолц тогаш беше дециден дека такво нешто не е договорено.

„Не, тоа е јасно договорено. Треба да биде редовен пристапен процес согласно постапките на ЕУ и не треба да дојдат други кои се однесуваат на билатералните односи. Тоа е мојот став“, рече Шолц во јуни во Берлин.

 

 

DW