Приведен 34-годишниот битолчанец Л.А., кој признал дека го опожарил центарот „Иван Михајлов“ во Битола, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Фејсбук.
Како што потврдуваат за Телма од битолската полиција станува збор за македонскиот пеач Ламбе Алабакоски.
„Со задоволство можам да обзнанам брза и ефективна разрешница на случајот од пред три дена (04.06.2022) со кривично-правниот настан – пожар во центарот „Иван Михајлов“ во Битола, кој е веќе расчистен и имаме приведено лице кое го призна делото. Се работеше деноноќно да се изнајде сторителот, се земаа предвид сите докази, а по извршените службени разговори во изминатите денови, вчеравечер, со судска наредба, беше извршен претрес на две локации кои ги користи Л.А.(34) од Битола, при што се пронајдени и одземени предмети поврзани со кривичното дело, по што лицето е лишено од слобода. Уште еднаш покажавме дека единствената моќ што ја има секоја правна држава е моќта да го сузбие криминалот. И во овој сегмент нема „пардон“, нема заштитени лица – сите се еднакви пред лицето на законот, а секој којшто се огрешил – мора да одговара!“, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Фејсбук.
telma.mk