Погребан Бенедикт XVI: Германците и „нивниот“ папа

Јозеф Рацингер беше првиот Германец на папска должност по 500 години. Секогаш беше горд на своето германско и баварско потекло. Во тестаментот кој беше објавен веднаш по неговата смрт тој им се заблагодарува на сите луѓе во својата татковина за тоа што кај нив „секогаш од почеток можел да ја доживее убавината во верата“. И ги моли сите свои „драги сонародници“ да не се оддалечат од верата.

Срдечните зборови и љубезниот тон сигурно имаат врска со датумот на пишување на тестаментот, 26 август 2006 година. Тоа беше по настапот на папата на Светскиот ден на младината во Келн и кусо пред неговата посета на Баварија, во септември 2006 година. Изгледаше дека Германците и „нивниот“ папа се помирија.

Чувар на конзервативните вредности

Тие односи никогаш не беа без напнатости. Како млад професор Јозеф Рацингер бил трауматизиран од студентските протести на генерацијата од 1968 година на Универзитетот во Тибинген. Јавниот теолог, склон кон реформи, се претворил во чувар на конзервативните вредности. Тој подоцна како перфект на Конгрегацијата за наука на верата строго го казнувал отстапувањето од католичките норми. Теолозите и бискупите биле санкционирани.

Германската бискупска конференција пред 25 години добила јасен повик да се повлече од државното советување за можното прекинување на бременост. Учествувањето во составот на крајот на кој би можел да следи прекинување на бременоста било незамисливо за кардиналот Рацингер. За него било поважно црквата тука да не смее да се компромитира од желбата на германските бискупи да го штитат неродениот живот со понуда за советување.

Бескомпромисен по прашањата на верата и моралот

Рацингер пред сѐ сакал да ја штити својата Црква, кај него немало компромис кога се работело за прашањата за вера и морал. Тој никогаш не би ја изговорил реченицата која ја кажа неговиот наследник папата Франциско: „Реалноста е поважна од идејата“. За него идеалната Црква била поважна од животот и од религиозната реалност на многубројните католички жени и мажи.

Со неговиот избор за папа на 19 април 2005 година, сето тоа падна во втор план. А, во неговата татковина со неверување гледаа како Бенедикт XVI. им се наоѓа на луѓето. Неколку месеци по неговиот избор за папа, тој дури се сретна со својот најголем теолошки ривал, Швајцарецот Ханс Кунг.

Релативизацијата како ѓаволско искушение

Но, Бенедикт остана верен на своите начела. Борбата против релативизмот го обележа неговиот понтификат. Релативизмот за папата Бенедикт XVI беше ѓаволско искушение на духот на времето, бидејќи ги игнорира апсолутните вистини. Говорот на Бенедикт за „диктатурата на релативизмот“ ги отежна реформите и ги исклучи компромисите во однос на прашањата за верата и моралот. Така, немаше промени дури и во оние области во кои се очекуваше од папата во земјата на реформацијата. На пример, во однос на екуменизмот. На изненадување на многумина, за време на неговиот понтификат односите меѓу евангелистите и католиците се влошија. На крајот се зборуваше за „ледено доба“ на екуменизмот.

Со текот на времето, Бенедикт XVI ја изгуби популарноста. Тоа е сосема нормално, дури ни папата Франциско не е толку популарен денес како што беше во првите месеци по изборот. Дополнително, следеа скандалите со сексуално злоставување во Католичката црква во САД, Ирска и во Германија. Се дозна дека католичките свештеници злоставувале деца и млади и дека црквата сè уште ги штити. Како префект на Конгрегацијата за доктрина на верата, кардинал Рацингер ги заостри правилата за да се спротивстави на злоставувањата во сопствените редови. Но, тој мораше да се соочи и со критични прашања за сопствената одговорност.

А потоа имаше и незгоди, погрешни проценки, на пример, кога папата во 2009 година ја укина екскомуникацијата на четворица бискупи од одметнатото Пијово Братство . Она што беше наменето како гест на помирување кон традиционалистичкото крило на Црквата се покажа како погрешно. Еден од рехабилитираните беше Ричард Вилијамсон, кој го негираше Холокаустот. За ова дури и германската канцеларка го критикуваше папата Бенедикт.

Непријателство од Германија

Бенедикт го погоди ваквата критика. Тој зборуваше за непријателството што особено го погодува бидејќи доаѓа од Германија. Односите меѓу германскиот папа и неговата татковина се заладија. Ова особено важи за Католичката црква во Германија.

Во својот говор во Фрајбург во септември 2011 година, папата Бенедикт Шеснаесетти предупреди дека германскиот католицизам премногу го одредуваат парите и институциите, а премалку верата. Тој имаше зачувано поинаква слика за Црквата, онаа што ја стекнал во детството во Баварија, за време на Третиот рајх, кога ја гледал црквата како тврдина во борбата против националсоцијализмот, цврсто вкоренета во традицијата и жива во празнувањето на мисата. Јозеф Рацингер забележал, но не прифатил дека оваа слика во меѓувреме не одговара на реалноста. Неговите последни зборови во тестаментот претставуваат пркосен апел: „Останете цврсто во верата! Не дозволувајте да се збуните“.

 

Дојче Веле