Неговото древно име е Еленгубу. Се наоѓа на 85 метри под површината на Земјата и има дури 18 нивоа на тунели. Бил населен илјадници години – овде живееле Фригијци, Персијци, христијани од византиската ера и многу други народи… Кападокските Грци го напуштиле во 20-тите години на минатиот век, односно кога биле поразени од Турците. Потоа масовно побегнале во Грција.
Деринкују бил повторно откриен од неименуван локалец во 1963 година. Имено, неговите кокошки постојано бегале и така налетале на овој град. Мештанецот потоа ископал премин и бил фасциниран од она што го нашол. Овде, меѓу другото, имало магацини за храна, сточни штали, училишта, винарии, па дури и капела. Деринкују беше вклучен во списокот на светско наследство на УНЕСКО во 1985 година.
Сè уште не е познат точниот датум на изградба на Деринкују. За прв пат се споменува во делото „Анабаса“ (Ἀνάβασις), кое го напишал Ксенофонт во 370 година п.н.е. Во оваа книга тој зборува за луѓе од Кападокија кои живееле во куќи под земја. Овој феномен за него бил необичен, имајќи предвид дека повеќето од жителите тогаш живееле во живеалишта на блиските карпи.
Се смета дека поголемиот дел од Деринкују бил изграден од Фригијците бидејќи имале средства да градат сложени подземни градби. Тие сочинувале една од најистакнатите империи во Анадолија. Деринкују се користел за складирање на стоки, но бил изграден за да можат жителите да се кријат од напаѓачите. Се верува дека за време на византиската ера тука живееле дури 20 илјади луѓе.
Денес, туристите плаќаат околу 60 лири (околу 200 денари) за да влезат во Деринкују. Се разбира, тунелите се тесни и слабо осветлени. Импресивно е што овде има систем за вентилација и бунар ископан на повеќе од 55 метри длабочина.