Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани за Радио Слободна Европа потврди дека припадници на косовските безбедносни сили биле во Северна Митровица во четврток, но „по грешка“.
„Се изгубиле, ГПС-навигацијата по грешка ги одвела на север“, рече Елшани.
Според него, косовската полиција ги забележала Косовските безбедносни сили, разговарала со нив, по што го напуштиле северот на земјата.
Видеата што кружат на социјалните мрежи покажуваат како возилата на косовските безбедносни сили се вртат на бензинска пумпа во близина на полициска станица и се упатуваат кон југ.
Елшани за Радио Слободна Европа изјави дека, според полицијата, возилата на косовските безбедносни сили биле паркирани на оваа пумпа пет до десет минути, по што, во придружба на полицијата, ја избрале „најбрзата рута“, веднаш до автобуската станица во близина на местото познато како „Дудин Крш“.
Канцеларијата за Косово во Владата на Србија побара итна реакција од Меѓународната заедница поради присуството на неколку возила на косовските безбедносни сили на северот од Косово и оцени дека тоа е „директно кршење на цврстите гаранции на НАТО“.
slobodnaevropa.mk




