– Дујгу АВУНДУК
Саваш Челикаслан (57), кој произведува рачно изработени метли во Трабзон, е меѓу последните претставници на оваа професија во градот што ја практикува половина век.
Метлите, кои во минатото го заземаа најважното катче во домовите, со развојот на технологијата беа заменети со правосмукалки. Иако не добиваат толку внимание како во минатото, тие продолжуваат да постојат благодарение на малкуте преостанати мајстори за изработка на метли.
Челикаслан ги изработува метли во својата работилница во населбата Пазаркапи во областа Ортахисар со примена на различни процеси на обработка на тревата сирак (Sorghum) што ја набавува во Самсун.
Челикаслан, кој произведува 20 метли дневно во својата работилница во која работи сам, прво ја остава тревата да стои натопена во вода и потоа додава смеса со сулфур. Потоа ја дели тревата на три дела, ја обликува рачно и ја зашива со игла, подготвувајќи ја за продажба.
Челикаслан за АА изјави дека уште од рано детство ја продолжува професијата правење метли која ја наследил од дедо му и татко му.
Зборувајќи дека деталите за професијата ги научил од татко му уште во раните училишни денови, Челикаслан рече:
„По воениот рок почнав да работам покрај татко ми и оттогаш ја работам оваа работа“.
Челикаслан рече дека тревата што ја користи за изработка на метли расте во подрачјето на Едрене, Самсун, Адана, Токат и Баликесир и додаде дека изработката на метли се состои од четири процеси.
– „Јас сум и чирак и мајстор“
Раскажувајќи дека четворица работници биле вклучени во овие процеси во минатото, Челикаслан продолжи со зборовите:
„Тогаш сите заедно изработуваа по 100 метли дневно. Јас ги правев деловите за рачката од метлата, татко ми основата. Мајка ми шиеше дома. Сега веќе нема никој, сите процеси ги правам сам. Јас го отворам дуќанот, јас сум и чирак и мајстор. Додека во минатото како тим можевме да направиме 100 метли, денес се мачам и можам да направам 20. Кога ги продаваме на големо, велиме снопов, кој содржи 10 метли“.
Зборувајќи дека многу луѓе од неговото семејство, вклучително и неговиот дедо и татко се занимавале со оваа работа, Челикаслан продолжи со зборовите:
„Јас сум единствениот што се занимава со производство во Трабзон и ќе го работам тоа додека сум жив. Имаше приближно 30 тезги во Трабзон, а сега сум единствен како производител“.
Челикаслан рече дека иако интересот за метлите продолжува, тој има потешкотии со транспортот на тревата за изработка на метли.
Посочувајќи дека странските туристи се заинтересирани за неговата работа, Челикаслан се осврна на настанот со еден англиски пар кој дошол во градот:
„Туристите кои доаѓаат од странство во прошетка љубопитни се за мојата работа. Беа мои гости тука. На заминување ми кажаа нешто што сè уште не можам да го заборавам: ‘Ти благодариме што ја продолжи професијата на твојот дедо’. Тие зборови ме погодија емотивно.“
Челикаслан, кој изјави дека ја работи својата работа без да ја потценува и покрај тоа што е еден од последните претставници на оваа професија, истакна дека за свој принцип ги усвоил зборовите на Мустафа Кемал Ататурк: „Оној кој најмногу ја сака својата земја, најдобро ја извршува својата должност“.