Последниот сет податоци од Пописот, којшто го објави Државниот завод за статистика во однос на писменоста и образованието кај резидентното население, открива загрижувачки податоци. Над 508 илјади граѓани во Северна Македонија немаат завршено ниту средно образование, а над 672 илјади граѓани немаат високо образование. Во земјата има 18.897 неписмени лица или 1.2 проценти, од кои најголемиот број се жени – 13 380.
Половина милион од попишаното население или воопшто не поминало низ образовниот процес, или пак го започнале школувањето, но не завршиле ниту осмо одделение. Или посликовито прикажано преку пописните бројки: 23.192 лица или 1.5 % од граѓаните се без образование, 62.129 лица или 4.1 % се со незавршено основно образование, а 423. 456 лица или 27.8 % се само со основно образование.
Највеќе невработени меѓу среднистите
Средно образование имаат завршено 672.375 лица или 44.1 %, додека високо образование имаат завршено 263. 349 граѓани или 17.3 %. Своето знаење со магистратура го заокружиле 29.654 македонски граѓани или 1.9 %, додека 6.037 лица или 0,4 % имаат и докторат. Од Заводот за статистика укажуваат и дека за 45.174 лица или 3.0 % нема податоци за нивната школска подготовка.
Од оние коишто поминале низ образовниот процес, најголемиот број се одлучиле да се школуваат во областа на инженерство, производство и градежништво. Со вакво образование се стекнале 189.736 лица или 18.7 %. Најмал интерес има информатичко-комуникациски технологии – вакво образование имаат само 19. 044 лица или 1.9 % од граѓаните.
Токму најбројната категорија на граѓани, оние коишто имаат завршено само средно образование, имаат и најголем проблем да се вработат. Според највисокиот степен на школска подготовка, најмногу невработени – 56. 701 лице се со средно образование од кои 34.313 се мажи и 22. 388 се жени. Вкупното работоспособно население на возраст од 15 години и повеќе изнесува 1. 525. 366 лица, од кои 717. 769 лица се дел од активното население (608. 520 лица се вработени, а 109.249 лица се невработени). Поголема е бројката на неактивни лица во државата – изнесува дури 768 549. Во оваа категорија спаѓаат ученици, студентите, домаќинките, пензионерите, но и оние коишто се невработени или пак не бараат никаква работа.
Недостигаат менаџери и научници
Во Северна Македонија најмногу вработени (123.347 лица) има во преработувачката индустрија, во трговијата на големо и мало, јавната управа и одбраната, социјалното осигурување, образованието и здравствената и социјална заштита. Најмала е бројката на вработени во дејности во врска со недвижен имот и во рударството. Во земјата има 8.729 слободни работни места, а највеќе се бараат работници во услужни дејности и продажба, техничари, ракувачи и составувачи на машини, додека за воени занимања нема ниту едно слободно место.
Во земјата недостигаат менаџери, но и стручњаци и научници. Според статистичките податоци во моментов има 37 слободни работни места за високи позиции на менаџери – за членови на законодавни и извршни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори, како и 698 слободни работни позиции за стручњаци и научници.
Дојче Веле