Полска собори руски дронови во својот воздушен простор

Полска соопшти дека активирала борбени авиони и соборила неодреден број руски беспилотни летала што влегле во нејзиниот воздушен простор, нарекувајќи го тоа „чин на агресија“.

Беспилотните летала постојано го нарушувале полскиот воздушен простор во раните утрински часови на 10 септември, соопшти армијата, откако Русија започна бран напади врз цели во Украина, вклучително и оние во близина на полската граница.

Министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш напиша на X дека „повеќе од 10 објекти“ влегле во полскиот воздушен простор, а оние што претставувале ризик за безбедноста на Полска биле неутрализирани. Тој не прецизираше колку, а војската соопшти дека бара соборени објекти.

„Ова е чин на агресија што претставува реална закана за безбедноста на нашите граѓани“, објави оперативната команда на полската армија на мрежата X.

„Синоќа полскиот воздушен простор беше нарушен од голем број руски беспилотни летала. Беа соборени оние беспилотни летала што претставуваа директна закана“, изјави полскиот премиер Доналд Туск на вонредниот владин состанок на 10 септември.

Туск рече дека немало жртви во упадот на руски беспилотни летала во полскиот воздушен простор, што се случило во услови на масовен напад врз Украина.

Ова е прв пат членка на НАТО да дејствува директно против руски беспилотни летала во својот воздушен простор откако започна војната во Украина во 2022 година.

Инцидентот предизвика зголемување на тензиите во Варшава и меѓу другите членки на НАТО. Полските власти изјавија дека се во контакт со претставници на НАТО.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија таргетирала 15 региони, испукувајќи најмалку 415 беспилотни летала и повеќе од 40 ракети. Најмалку едно лице е убиено, а тројца други се ранети, рече тој, повторувајќи ги своите речиси секојдневни повици за посилен одговор од Западот на нападот.

„Москва секогаш ги поместува границите на она што е можно, и ако не наиде на силна реакција, останува на ново ниво на ескалација“, рече Зеленски.

 

 

 

slobodnaevropa.mk