Под влијание на висински циклон од северозапад и на влажна и нестабилна воздушна маса, во следните часови, како и до четврток особено од пладневните часови ќе биде нестабилно со локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално можни се поинтензивни атмосферски процеси во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време, силен ветер, силни и чести електрични празнења, како и со услови за локална појава на град.
Не се исклучува можноста во овој период повторно да се случат локални поројни поплави, нормално доколку се случи обилен дожд да падне во краток временски период.
И во Скопскиот регион локално е можна појава на нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината можно е и краткотрајно невреме.
Што се однедува до температурите, тие до четврток ќе се искачуваат во интервалот од 23 до 29 – 30 степени. Во Скопје температурата ќе се искачи до околу 28 степени, стои во најновата објава од метеопрогнозерот Славчо Попоски.