Почина актерот Лазе Манасков

Почина Лазе Манасков, еден од најпрепознатливите македонски театарски, филмски и телевизиски актери. Веста за неговата смрт ја објави Драмски театар – Скопје, каде што Манасков беше долгогодишен член на ансамблот.

„Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасков почина денес. Вечерашната изведба на претставата ‘Куршуми над Бродвеј’ ќе биде изведена во негова чест. Нека му е вечна слава“, соопштија од Драмски театар – Скопје.

Лазе Манасков е роден на 27 март 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во 1983 година се вработил во Драмски театар – Скопје, каде што работеше сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.

Во текот на богатата кариера, Манасковс остави силен белег на македонската театарска сцена со бројни улоги во претстави како „Солунски патрдии“, „Хамлет“, „Ангеле“, „Буре барут“ и „Така зборуваше Гертруда“.

Тој беше присутен и во македонската кинематографија со улоги во филмовите „Бистра вода“, „Големата вода“, „Исцелител“, „Врба“, „Кајмак“, како и во други значајни остварувања.

На телевизиската публика ќе ѝ остане запаметен по улогите во сериите „Преспав“, „Наше маало“, „Погрешно време“, „Големи и мали“ и „Во светот на бајките“.

Со заминувањето на Лазе Манасков, македонската култура загуби истакнат уметник, а колегите и публиката – актер кој со децении им подаруваше емоции, автентичност и силни сценски интерпретации.

 

 

 

skopjeinfo.mk