Партиските функционери на Демократската унија за интеграција попладнево пристигнаа во партиското седиште во Мала Речица за да одржат седница на Централното претседателство, на чиј дневен ред се очекува да биде расправа за темата „Фронтот за Европа“.
Партискиот портпарол Бујар Османи пред почетокот на средбата потврди дека на седницата ќе се расправа за „Фронтот за Европа“, процес започнат од партискиот претседател Али Ахмети.
-Се наоѓаме во критично време, на крстосница на државата каде што мора да ги концентрираме сите сили и енергија на општеството за да ја ориентираме државата кон ЕУ. Тоа го очекуваат граѓаните од нас. Тие граѓани, бараат подобар стандард, работа, поголеми плати, да останат овде, да ја планираат иднината овде. Сите политички процеси треба да се насочат кон перспективата што го носи членството во Европската унија, истакна Османи.
Ова ќе биде трета средба на Централното претседателство во ДУИ по изборот на новиот состав што беше избран во октомври 2022 година.
Фото: ДУИ