Анкетите покажуваат дека, по една година од неговиот втор мандат, единствениот претседател кој бил уште помалку популарен од него е повторно Доналд Трамп, но за време на неговиот прв мандат како лидер на САД. Последното истражување на јавното мнение од институтот Пју Рисрч, објавено минатиот четврток, покажува дека 37 проценти, нешто повеќе од една третина Американци, ја одобруваат работата на Трамп. Последната анкета на Галуп од декември минатата година укажуваше на 36 проценти одобрување и 59 проценти на гласачи кои не го одобруваат. Ваквите бројки не се добри за ниту еден лидер, од која било земја, но Трамп, чии потези во првата година на домашен терен и во надворешната политика беа контроверзни, не е целосно непопуларен. Го губи угледот кај поддржувачите на Демократите и малку е веројатно дека тие би гласале за Трамп или за Републиканската партија, со само едноцифрена поддршка во анкетите. Од друга страна, поддршката од Републиканците останува релативно стабилна. Иако е намалена од почетокот на неговиот мандат, повеќе од половината републикански поддржувачи се чини дека и натаму стојат зад него.
Трамп сè уште владее со хиперпартиска Америка
И покрај националните бројки, влијанието на Трамп во рамките на Републиканската партија останува значајно, во голема мера и поради неговата улога како носител на движењето МАГА и долгогодишната мантра „Америка на прво место“. „Имаме претседател кому историски му недостасува поддршка“, вели за ДВ Џон Марк Хансен, политиколог од Универзитетот во Чикаго. „Поддршката што ја има се чини дека е цврста како карпа и дека нема ништо што може да ги одвлече 80 до 85 проценти од републиканските гласачи од него“, додава тој.
Трамп успеа во својата прва година да владее во голема мера без опозиција, благодарение на Републиканците во Конгресот и заштитната пресуда од 2024 година од Врховниот суд, со која му се дава широк претседателски имунитет. Тоа може да се промени по среднорочните избори во ноември, на кои сите 435 места во Претставничкиот дом и една третина од Сенатот ќе бидат обновени.
Иако е точно дека тој ги спроведе сеопфатните царини и строгата имиграциска политика што ја ветуваше во кампањата, ветувањата за ограничување на инфлацијата, намалување на трошоците за живот и економски раст допрва треба да се покажат.
„Рејтингот на еден претседател никогаш не е повисок отколку во првата година“, анализира за ДВ Кетрин Дан Тенпас, експерт за претседателски и конгресни истражувања од Центарот Милер при Универзитетот во Вирџинија. „Со текот на времето рејтингот опаѓа, делумно затоа што претседателите даваат ветувања што не можат да ги исполнат. Американците се особено заинтересирани за состојбата на економијата и нивната банкарска сметка“, додава таа.
Поддршката од гласачите од средната класа, кои не се идентификуваат ниту со Републиканците ниту со Демократите, а кои му помогнаа на Трамп да стигне до Белата куќа, исто така се намали во неговиот прв мандат. Според податоците на Галуп од декември, само еден од четворица независни гласачи го одобрува неговото работење.
Иако прашања како поостриот, сега и смртоносен, пристап во имиграциските рации во урбаните средини може да предизвикаат гнев кај гласачите од левиот спектар, Тенпас смета дека овие дотогашни силни страни на Трамп може да ги одвратат и гласачите од центарот и умерената десница. „Многу Демократи се длабоко загрижени за случувањата во Минеаполис и низ земјата, каде се распоредуваат единиците на ИЦЕ“, вели таа, додавајќи дека „независните гласачи и дел од Републиканците кои не се лојални на Трамп се сè поразочарани од она што го гледаат.“ Републиканците моментално го контролираат Претставничкиот дом и Сенатот, но референдумска атмосфера околу Трамп ги загрижува неговите сојузници дека клучни трки во „виолетовите“ држави би можеле да резултираат со губење на контролата врз Претставничкиот дом.
DW




