Австралискиот Сенат денес усвои закони за забрана на децата и тинејџерите да користат социјални мрежи, што е прва ваква одлука на која било влада во светот, јавува Анадолу.
Законите, усвоени на последниот ден од тековната седница на Сенатот, треба да стапат на сила на крајот на следната година, според кои секој кој има 16 години и под таа возраст ќе биде блокиран од користење на платформите ТикТок, Инстаграм, Снапчат, Фејсбук, Редит и Х.
Владата предводена од премиерот Ентони Албанизи го бранеше потегот, велејќи дека е „неопходен за да се заштити нивното ментално здравје и благосостојба“.
Според новите закони, компаниите за социјални медиуми нема да можат да ги принудат луѓето да обезбедат дигитална лична карта или документи за идентификација издадени од владата, за да ја проценат нивната возраст, јави „Еј-би-си њуз“.
Многу платформи на социјални медиуми имаат политики против малолетници кои ги користат нивните мрежи, но се знае дека тие се нашироко игнорирани. Некои платформи се обвинети дека користат алгоритми за да ги направат тинејџерите зависни од нивните услуги, тврдења кои компаниите категорично ги негираат.
Бројни студии го поврзуваат користењето на социјалните мрежи кај младите со пониска самодоверба и психолошки проблеми.