Речиси седум месеци по неговиот избор за папа, Лав XIV тргна на своето прво патување во странство. Од 27 до 30 ноември тој ќе престојува во Турција, а потоа до 2 декември во Либан. Со тоа поглаварот на римокатоличката црква, кој по потекло е од САД, го продолжува меѓународниот ангажман на своите претходници. Денес посетите во странство се сфаќаат како дел од папската служба која речиси е „незамисливо без тоа“, вели за ДВ црковниот историчар и експерт за папство од Аугсбург, Јерг Ернести. Со нетрпение се очекува кои акценти ќе ги стави Лав на своето прво патување и како евентуално ќе се разликува од своите претходници. Во Турција папата планира да ги посети Анкара и Истанбул, а ќе патува и во Никеја (турски: Изник) каде што се одржал Првиот вселенски собор пред 1.700 години. Во Либан на агендата се главниот град Бејрут и неколку помали места за поклонение на северот од земјата. На крајот на патувањето Лав ќе го посети и пристаништето Бејрут, каде што летото 2020 година во ужасна експлозија беше уништена цела градска населба, при што загинаа околу 200 лица.
На времето живееле многу христијани Турција и Либан
Двата народа ги поврзува една особеност – пред нешто повеќе од еден век, христијаните сочинувале значаен дел од населението. Во Турција околу третина од луѓето биле припадници на некоја од црквите, во Либан дури и повеќе од половината.
Денеска помалку од еден процент од населението во Турција се изјаснуваат како христијани, во Либан околу 30 проценти. Турција, покрај Италија, е првото место во светот кое било домаќин на дури пет поглавари на римокатоличката црква.
Причината за тоа е што во азискиот дел на Турција се наоѓаат важни места од најраната историја на христијанството и таму биле основани првите христијански заедници. Во Истанбул, поранешен Цариград, и денес е устоличен почесниот поглавар на православието – вселенскиот патријарх Вартоломеј (85). Неговата црква со децении веќе трпи ограничувања од турската држава. Лав – како и неговите претходници Јован Павле II (1979), Бенедикт XVI (2006) и Франциско (2014) – намерно доаѓа во Истанбул на крајот на ноември. Имено, на 30ти ноември се слави апостолот Андреј, кој за православието е важен колку што е апостол Петар за западните христијани.
„Ограничувања на верската слобода“ во Турција
Според Ернести, во Турција „најмногу е ограничена верската слобода“, што особено важи за Грчката православна црква, која по протерувањето на Грците од Цариград и Мала Азија пред околу сто години, е „прилично десеткувана“. Вселенскиот патријарх е ограничен во своето дејствување. Пред повеќе од 50 години, со државен декрет затворена е православната богословија на островот Халки во Мраморно море во близина на Истанбул. Римокатоличката црква, додава Ернести, не може слободно да дејствува.
DW




