По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Согласно последниот развој на безбедносната состојба таму, претходно денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија формираше кризен штаб кој како што соопштија оттаму, континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција на македонските државјани.
Министерството апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја внимателно да ги следат официјалните известувања на надлежните институции и строго да постапуваат согласно безбедносните протоколи.
Воедно, се препорачува одложување на сите ненeопходни патувања кон земјите од овој регион сè до подобрување на безбедносната состојба.
-Министерството, со сите свои капацитети и преку дипломатско-конзуларните претставништва, останува целосно на располагање на македонските државјани и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста за сите релевантни информации и понатамошни насоки, наведуваат од Министерството.
slobodnaevropa.mk




